Се удвојува бројот на Авганистанци кои се враќаат во земјата од Иран

Авганистанци се враќаат од Иран, 6 ноември 2023 година.

Во текот на изминатиот месец се удвоил бројот на Авганистанци кои се враќаат дома од Иран. Но егзодусот на западната граница е потивок во споредба со десетиците илјади авганистански бегалци депортирани од Пакистан кои пристигнуваат во Авганистан.

Шефот за бегалски прашања на владејачките талибанци, Абдула Кајоми, вели дека само оваа недела на преминот Кала во западната провинција Херат пристигнале 14.480 Авганистанци од Иран, а дневниот број се зголемил од околу 1.500-2.000 на 3.000- 4.500.

„Кога Пакистан донесе одлука да ги депортира нашите сонародници, бројките почнаа да се зголемуваат и овде“, рече Кајоми, кој го посети граничниот премин Ислам Кала, пренесува Агенцијата Франс прес (АФП).

Минатиот месец Пакистан објави планови за депортирање на стотици илјади Авганистанци без документи, што предизвика предупредувања од меѓународните хуманитарни агенции дека овој потег може да предизвика хуманитарна криза.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Авганистанските повратници ги опишуваат тешките услови во нивната татковина


Оттогаш, повеќе од 300 илјади Авганистанци се вратија во својата земја од Пакистан, каде властите ветија дека ќе депортираат повеќе од 1,7 милиони Авганистанци без документи.

Во меѓувреме, Техеран објави сличен план кој привлече мало внимание, иако во оваа блискоисточна земја живеат милиони Авганистанци. Само во август, околу 46.000 Авганистанци доброволно се вратиле во Авганистан од Иран, додека други 43.000 биле депортирани оти немаат документи.

Повеќе од 70 отсто од 3,6 милиони Авганистанци кои ја напуштија својата земја откако талибанските милитанти ја презедоа повторно власта во август 2021 година, побегнаа во Иран.

Меѓународната организација за миграција (ИОМ) проценува дека во Иран живеат 4,5 милиони Авганистанци. Но, Техеран проценува дека бројот е над 5 милиони.