Зеленски се среќава со лидерите на САД, во обид да ги притисне неволните републиканци

Украинскиот претседател Володимир Зеленски е лидерот на демократите во Претставничкиот дом на Сад, Хаким Џефрис

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 21 септември приватно се сретна со лидерите на Претставничкиот дом и Сенатот на Соединетите Американски Држави (САД). Тој настојува да добие поддршка од некои неволни политичари, главно од десницата, за борбата на неговата земја против руската инвазија.

Претставничкиот дом и Сенатот се двата дома на Конгресот на САД.

Зеленски, кој претходните два дена зборуваше пред Обединетите нации, подоцна треба да се сретне со претседателот Џо Бајден во Белата куќа и со воените шефови во Пентагон.

Републиканските лидери, вклучително и претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти, одбија да го поздрават Зеленски пред камера, иако лидерот на демократите во Претставничкиот дом Хаким Џефрис го стори тоа и го придружуваше украинскиот претседател до зградата на Капитол.

Зеленски пристигна во престолнината на САД, неколку часа откако Русија го започна својот најголем напад врз Украина во последните неколку недели, погодувајќи неколку региони, вклучително и градовите Киев и Лвив. Во нападите е уништена критичната енергетска инфраструктура.

Видете и ова: Полска нема да и испорачува оружје на Украина

Средбите на Зеленски доаѓаат по изјавите на полскиот премиер Матеуш Моравјецки кој навести дека Варшава „веќе не испорачува оружје на Украина“.

Полската влада на 21 септември објави соопштение во кое сака да ја разјасни ситуацијата, иако официјалната политика на Варшава останува неизвесна.

Видете и ова: Зеленски- Русија со киднапирање украински деца врши „геноцид“

„Во врска со прашањата за испораките на оружје, би сакал да ве информирам дека Полска извршува само претходно договорени испораки на муниција и вооружување, вклучувајќи ги и оние што произлегуваат од потпишаните договори со Украина“, се вели во најновото соопштение.

Зеленски на 19 септември го одржа својот прв личен говор пред Генералното собрание на ОН од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, а следниот ден се појави пред Советот за безбедност на ОН барајќи на Русија да и се одземе правото на вето.

Неговите изјави се дел од продолжената посета на САД, која би можела да се покаже како клучна во тековните напори на Киев да собере меѓународна поддршка за одбрана од многу поголемиот сосед.

Тој, исто така, треба да ги убеди американските републиканци, како Мекарти, да го протуркаат новиот пакет помош од повеќе милијарди долари за Киев, кој е во опасност да биде блокиран.

Белата куќа истакна дека посетата доаѓа во „навистина клучен момент“ имајќи предвид дека Украина е во средина на жестока контраофанзива против руските сили.