Уставен суд нема да ја оценува уставноста на Преспанскиот договор

Добрила Кацарска, претседателка на Уставен суд

Уставниот суд денеска едногласно одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите, познатa во јавноста како „Договорот од Преспа“ и ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на Указот со кој е прогласен овој Закон.

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска рече дека Судот оценил дека Законот за ратификација на договорот е во согласност со Уставот, што значи останува дел од правниот поредок на државата.

„За овој предмет беше спроведена темелна постапка, подготвителна седница и сеопфатна анализа на уставно судската пракса. Уставниот суд цени дека Указот не содржи правни норми. Не е пропис, тој е дел од процедурата и кога Уставниот суд укинува или поништува Закон, Указот не се укинува посебно“, изјави Кацарска.

Како пример за ова го посочи веќе заземениот став на Судот во предметот во кој не беше поведена постапка за законот за Јавно обвинителство. Случај од мај годинва, во која Уставниот суд ја отфрли иницијативата со истото образложение за Указот, дека не претставува пропис.

Поголем дел од денешната дискусија во Уставен се водела за непотпишувањето на указот од страна на претседателот на државава, своевремено Ѓорѓе Иванов, односно за неговата должност согласно членот 75 став 3 од Уставот да го потпише Указот.

„Во поширок контекст во духот на Уставот и неговата примена, волјата на пратениците се персонифицира со волјата на граѓаните, наспроти волјата на само еден човек, бидејќи системот на владеењето на власта во нашата држава е парламентарна демократија, а не монархија. Суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните и Уставот и законите важат подеднакво за сите, па дури и за претседателот на Републиката кој согласно член 51, став 2 од Уставот е должен истите да ги почитува,“ нагласи Кацарска.

Видете и ова: Кацарска не се согласува со измените на Кривичен законик

Таа објаснува дека е неспорно дека претседателот треба да го потпише Указот во рок од седум дена кога првпат му се доставува законот чиј што рок е предвиден во членот 38 од Законот за Собрание на РСМ, а потоа тој е должен да го потпише.

„Меѓутоа, тој ја злоупотребил уставната недореченост каде што навистина не е пропишан рок за повторно доставување на Законот, односно потпишување на повторно доставен закон“, рече таа.

Од друга страна, дополни, дека Републиката презела меѓународни обврски согласно договорот и иако на претседателот му бил оставен подолг период тој сепак не го потпишал указот, а указот е објавен без негов потпис, туку само со потпис на претседателот на Собранието на РСМ.

„Треба да се цени и фактот дека овој договор се доставува и до организацијата на ОН и потпишан е и од посредник во својство на сведок, Метју Нимиц. Закон може да се прогласи само еднаш, а во конкретниот случај истиот е прогласен. Уставот ја остварил целта Законот е прогласен“, изјави Кацарска.

Во врска со членот 110 од Уставот, односно надлежноста на Уставниот Суд за меѓународните договори, Кацарска рече дека Судот нема надлежност да одлучува за согласност за меѓународните договори со Уставот и дека Уставниот суд може единствено да цени дали Законот за ратификација е донесен во пропишана процедура и форма од страна на уставно овластено тело, односно Собранието.