Авторитарниот лидер на Белорусија, Александар Лукашенко, денеска во Минск разговараше со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, објави белоруската државна новинска агенција БелТА.
Како што се наведува, Лукашенко рекол дека на Белорусија и се потребни гаранции дека во случај на напад Русија ќе ја брани земјата „како своја територија“.
Тој рече дека разговарал за безбедносните гаранции со рускиот претседател Владимир Путин.
Во своето годишно обраќање до нацијата на 31 март, Лукашенко го бранеше рускиот план за распоредување на белоруска територија тактичко нуклеарно оружје - вклучувајќи интерконтинентални балистички ракети доколку е потребно.
Видете и ова: Зеленски ја нарече Русија „терористичка држава“ поради нападите на ЦветнициТој додаде дека земјата е изложена на зголемени закани од Западот, а во таа прилика тој не понуди докази за ваквите тврдења.
Минск не испрати војници да се борат заедно со московските сили во Украина, но Лукашенко ѝ дозволи на Русија да ја користи земјата, која граничи со Украина на север, како појдовна точка за инвазијата. Таа, исто така ѝ даде на Русија целосен пристап до нејзините воздушни бази, дозволи заеднички вежби и лекување на ранети руски војници на нејзина територија.
Зборувајќи за тековната руска инвазија на Украина, Лукашенко повика на итни преговори за прекин на огнот „без предуслови“.
„Клучно е да се запре (војната) сега, пред ситуацијата да ескалира. Прогласете прекин на огнот со забрана за снабдување со воени сили, оружје и опрема“, рече Лукашенко, нагласувајќи дека прекинот на огнот не може да се користи за внесување повеќе оружје во конфликтот, бидејќи Русија би можела да биде принудена да го користи „најстрашното оружје“ доколку се почувствува загрозена.
Со оглед на улогата на Белорусија во конфликтот и нејзините блиски врски со Русија, Украина претходно ги отфрли понудите од Минск да посредува во мирот. Белорусија соопшти дека не планира да влезе во војна.