Молдавија доби нова, прозападна влада

Парламентот на Молдова му изгласа доверба на кабинетот на министри предводен од Дорин Ресин

Новата прозападна влада предводена од премиерот Дорин Ресин положи заклетва во Молдавија, откако ја доби поддршката од 62 пратеници од владејачката Партија за акција и солидарност (ПАС) во 101-члениот парламент.

Гласањето се одржа денеска, помалку од една недела откако Ресин (48) беше номиниран од претседателката Маја Санду да ја замени Наталија Гаврилита, која поднесе оставка една и пол година од мандатот на нејзината влада. Ова автоматски предизвика оставка на целиот кабинет ја втурна земјата во политичка криза додека беснее војна во соседна Украина.

Видете и ова: Премиерката на Молдавија си поднесе оставка

Пратениците што ги претставуваат опозициските социјалисти и комунисти протестираа против новата влада. Партијата Шхор, пријателска на Русија, ја бојкотираше седницата.

Мнозинството на ПАС во парламентот, исто така, ја одобри програмата на новата влада, наречена Просперитетна, безбедна, европска Молдавија, за заживување на економијата и зацртување на курсот кон Европската унија.

Меѓу целите на новата влада се отворање на преговорите за пристапување во ЕУ, обезбедување ред во државните институции, зголемување на економскиот развој, продолжување на реформите во правосудството и забрзување на борбата против корупцијата.

Ресин беше министер за внатрешни работи од 2012 до 2015 година. Пред да биде избран за премиер, тој служеше како советник за одбрана и безбедност на Санду.

Санду постојано ја обвинува Русија дека се обидува да ја дестабилизира Молдавија. Претходно оваа недела таа зборуваше за наводен руски заговор за кој рече дека е наведен во документите што ги добила од украинските разузнавачки служби. Заговорот, наводно, имал за цел да го собори раководството на земјата, да го запре нејзиното пристапување во ЕУ и да го искористи во војната против Украина.

Видете и ова: Русија ги отфрла тврдењата на Молдавија дека Москва ја дестабилизира земјата

Русија негираше дека планира да ја дестабилизира Молдавија, нарекувајќи ги тврдењата „целосно неосновани“.

Американскиот помошник државен секретар Карен Донфрид во интервју на 15 февруари за РСЕ истакна дека САД се „длабоко загрижени“ поради извештаите за заговорот и силно ја поддржуваат Санду.