Сензорски делови од соборениот кинески балон пронајдени во САД

балонот кој беше соборен од борбен авион Ф-22 во близина на брегот на Јужна Каролина на 4 февруари

Важни делови од сензори и електроника од кинески балон соборен на почетокот на февруари се пронајдени во САД, соопшти синоќа американската војска. „Тимовите успеаја да извлечат големи остатоци од балонот, вклучувајќи сензори и електроника, како и делови од структурата“, се вели во соопштението на северноамериканската команда. Вашингтон смета дека се работи за кинески шпионски балон, кој на американска територија навлегол неколку дена пред да биде соборен.

Видете и ова: По инцидентите со шпионските балони, дали Кина и САД можат повторно да разговараат?

Пекинг, од своја страна, во неколку наврати објави дека станува збор за цивилен балон кој се користи за истражувачки цели, главно метеоролошки. Тој балон беше соборен од борбен авион Ф-22 во близина на брегот на Јужна Каролина на 4 февруари, а тимовите веднаш беа распоредени за собирање на остатоците во морето. Американските борбени авиони оттогаш соборија уште три мистериозни летечки објекти, еден над Алјаска, друг над Јукон во северозападна Канада и трет над езерото Хурон, на северот на САД.