Вонсудскиот совет на Жупанискиот суд во Загреб одлучи поранешниот премиер и претседател на ХДЗ Иво Санадер да мора да мине во затвор вкупно 18 години и осум месеци, објави Хина. Новинската агенција, како што пренесува МИА, од судот дознава дека одлуката за вкупната казна била донесена на крајот на декември, а деновиве била испратена до Санадер и неговите адвокати.
Адвокатот на поранешниот хрватски премиер, Чедо Продановиќ, како апсолутно неоснована ја оцени одлуката на вонсудскиот совет, со кој се определи единствена казна за трите досега правосилни пресуди, и притоа најави жалба.
Одбраната смета дека за сите пресуди, со оглед на тоа што се слични кривични дела, Санадер не може да добие здружена казна затвор над 15 години.
Видете и ова: Јосиповиќ: Случајот ИНА е велепредавствоПоранешниот премиер досега во притвор или поради пресудите зад решетки има минато околу седум и пол години. Предвремено ослободување од затвор во хрватскиот затворски систем може да се бара по отслужување на половина од казната, а тоа обично се доделува по издржување на две третини од неа.
Санадер, по неколкуте притвори и ослободувања, континуирано е во затвор од април 2019 година, кога Врховниот суд му ја зголеми казната за корупција во случајот „Планинска“ на шест години затвор. Во тој случај, поранешниот сопственик на месната индустрија и пратеник на ХДЗ, Стјепан Фиолиќ, призна дека на поранешниот премиер му донел десет милиони куни и еден милион евра провизија откако купил деловна зграда од државата под нејзината пазарна цена.