Украинскиот министер за одбрана: Украина е де факто членка на НАТО

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников изјави дека Украина стана де факто членка на НАТО додека западните земји, кои претходно беа загрижени дека нивната воена помош Русија ќе ја сфати како ескалација, го менуваат својот „пристап на размислување“. Во интервју за Би-Би-Си, Резников рече дека е сигурен оти Украина ќе го добие оружјето што го бара долго време, вклучително и тенкови и борбени авиони, бидејќи се чини дека и Украина и Русија се подготвуваат за нови офанзиви на пролет. „Украина како земја и вооружените сили на Украина станаа членка на НАТО. Де-факто, не де јуре. Затоа имаме оружје и знаеме како да го користиме“, рече тој.

Патрушев: конфликтот во Украина е воена конфронтација меѓу Русија и НАТО

Украина со години се обидува да се приклучи на воениот сојуз, кој рускиот претседател Владимир Путин го гледа како безбедносна закана за Русија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски се залага за брз пристап, но не е јасно дали полноправното членство ќе биде нешто што членките на НАТО сериозно ќе го разгледаат дури и по завршувањето на војната, и покрај ветувањата за поддршка. „Зошто би било контроверзно да се каже дека Украина е во НАТО? Точно е. Тоа е факт. Сигурен сум дека во блиска иднина, де јуре, ќе станеме членка на НАТО“, рече Резников. Сепак, тој не го повтори тврдењето дека Русија би можела да подготвува нова инвазија од Белорусија, како што предупреди шефот на украинската воена разузнавачка агенција.