Оддавање почит на поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти во Ватикан

Илјадници лица чекаат во ред за да му оддадат почит на поранешниот папа Бенедикт во базиликата Свети Петар во Ватикан, 2 јануари 2023 година

Илјадници луѓе се собраа на плоштадот Свети Петар во Ватикан, неколку часа пред зори на 2 јануари, за да го видат телото на поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти и да му оддадат почит. Официјалните лица за безбедност очекуваат околу 25.000 ожалостени на првиот, од трите дена во текот на кои телото ќе биде изложено во Ватикан.

Поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти почина на новогодишната ноќ на 95-годишна возраст, речиси една деценија откако поднесе оставка поради нарушено здравје.

Видете и ова: Почина поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти

Папата Франциско ќе претседава на мисата на 5 јануари, со што првпат еден папа ќе биде погребан од неговиот наследник.

Ватикан извести дека погребот ќе биде скромен, но свечен.

Бенедикт Шеснаесетти стана првиот папа кој поднесе оставка во последните 600 години, поради лошата здравствена состојба.

Погребот ќе се изврши на плоштадот Св. Петар, пред почесниот папа да биде положен во гробниците под базиликата.

Роден како Џозеф Рацингер во Германија, Бенедикт Шеснаесетти кога беше избран во 2005 година имаше 78 години, со што стана еден од најстарите папи.

За време на поголемиот дел од неговото папство, Римокатоличката црква се соочуваше со обвинувања, правни барања и официјални извештаи за децениска злоупотреба на деца од страна на свештеници.

Претходно оваа година, поранешниот папа призна дека биле направени грешки во справувањето со случаите на злоупотреба додека бил надбискуп на Минхен помеѓу 1977 и 1982 година.