Бараме од Комисијата веднаш да преземе и да координира иницијатива за релокација на мигрантите, пишува министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис во писмата испратени до потпретседателот на Европската комисија (ЕК), Маргаритис Схинас, и комесарката за внатрешни прашања на ЕУ Илва Јохансон во однос на спасените околу 400 мигранти во близина на Крит.
Митаракис вели дека ваква иницијатива од ЕУ би била „одговор на операцијата за потрага и спасување со што ќе се осигури дека одговорноста за спасување животи во море е правично поделена меѓу земјите-членки, како што беше случај со другите спасувачки акции во Средоземното Море“.
Видете и ова: Најголем дел од нелегалните влезови во ЕУ се преку Западен БалканВо писмото, грчкиот министер објаснува дека вчера, околу еден часот по полноќ бродот испратил сигнал за помош додека пловел на околу 15 наутички милји јужно од Крит, а во спроведената акција, сите мигранти биле безбедно префрлени на пристаништето на Крит.
„Сè уште нема информации за знамето или пристаништето на потекло“, пишува Митаракис.
Тој истакнува дека е потребно колективно дејствување, а не да се очекува од земјите што се во првите редови „да сносат сè поголем товар непропорционален со нивните соодветни капацитети“.
Агенцијата на ЕУ за заштита на границите и крајбрежјето (Фронтекс) објави дека во периодот од јануари до октомври оваа година биле регистрирани вкупно 275 илјади илегални преминувања на границите во ЕУ, или 73 отсто повеќе во однос на истиот период во 2021 година. Најактивни рути на мигранти кон ЕУ биле копнената преку Западниот Балкан, и морските рути на централниот и источниот Медитеран.