Сплит денеска утрово пристигна еден од најголемите воени бродови во светот - американскиот носач на авиони на нуклеарен погон „USS George H.W. Bush“.
„Посетата на пристаништето дава можност за дополнително зајакнување на силното американско-хрватско партнерство на двете нации во напорите да се создаде силна, безбедна и просперитетна Европа, а исто така ќе им овозможи на морнарите од носачот да ја искусат хрватската култура“, се вели во соопштението на Амбасадата на САД во Загреб по повод пристигнувањето на носачот.
„Нашата способност да ја одвратиме агресијата и да ја браниме алијансата е посилна кога работиме заедно со нашите сојузници и партнери како Хрватска“, рече контраадмиралот Денис Велез, командант на борбената група која ја предвод носачот.
Овој брод е долг 333 метри и може да носи 90 авиони и хеликоптери. Тој е еден од најмладите американски носачи на авиони по година на производство. Брод изграден во 2009 година може да плови повеќе од 20 години без полнење гориво. Бродот може да прими дури 3.532 членови на екипажот.
Ова е второ пристигнување на американскиот носач на авиони од класата Нимиц во хрватските територијални води годинава. Во февруари „Хари С. Труман“ ја посети Хрватска.
Носачот на авиони „Џорџ Буш“ ќе биде закотвен во каналот Брач до вторник на 8 ноември.
Станува збор за рутинска посета на брод кој е дел од американската морнарица. Хрватската влада минатата недела даде дозвола за пловидба на американскиот брод. Во согласност со Поморскиот законик, ваквите одлуки се во надлежност на Владата.
Кон крајот на октомври „USS George H.W. Bush“ ја предводеше големата воена вежба на НАТО „Neptune Strike 2022“ која до 28 октомври се одржуваше во областа на Средоземното Море.
Вежбата опфати над 80 авиони, 14 бродови и околу 6.000 персонал од 24 сојузници и партнери на НАТО, вклучувајќи ги овојпат Финска и Шведска.