ЕУ порача дека одлуката на Шмит е само негова

Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит

Портпаролката на Европската комисија (ЕК) Ана Писонеро повтори дека европските институции ја добиле одлуката на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина (БиХ), Кристијан Шмит за зголемување на бројот на делегати во Домот на народите на Парламентот на Федерацијата БиХ, со цел да се подобри функционалноста на овој ентитет и да се обезбеди навремено спроведување на резултатите од изборите одржани на 2 октомври 2022 година.

„Ова беше лична одлука на високиот претставник. Извршните овластувања на високиот претставник треба да се користат само како последно средство против непоправливи незаконски дејствија“, рече Писонеро на прес-конференција.

Но, таа не одговори на новинарските прашања дали Европската унија ја поддржува одлуката на високиот претставник.

Таа, исто така, додаде дека зајакнувањето на функционалноста на институциите на БиХ е клучен приоритет на патот на земјата кон ЕУ. Таа потврди дека во изминатата година ЕУ и САД разговарале за уставните и изборните реформи.

„Длабоко жалиме што не беше можно политичките партии да се договорат за избалансиран и договорен пакет реформи кои сеопфатно ќе ги решат отворените прашања, вклучително и оние поврзани со функционалноста на БиХ и нејзиниот Дом на народите“, рече Писонеро.

Портпаролката на Брисел ги повика лидерите на Босна и Херцеговина да ги почитуваат своите обврски од состанокот на 12 јуни одржан во Брисел, чиј домаќин беше претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. На тој состанок, лидерите на Босна и Херцеговина се согласија дека ќе се обидат да донесат закони, вклучително и оние за Високиот судски и обвинителски совет (ВССС) и за спречување судир на интереси, најдоцна шест месеци по формирањето на сите владини тела.

Ана Писонеро ја потврди подготвеноста на Европскиот совет да ја разгледа можноста за добивање кандидатски статус за БиХ, откако Европската комисија објави извештај за нивото на имплементација на 14 клучни приоритети кои се неопходни за земјата да напредува во евроинтеграциите.

Во недела на 2 октомври во Босна и Херцеговина се одржаа општи избори. Гласале 50 отсто од гласачите или 1,6 милиони граѓани.

Врз основа на 84,75 отсто од преброените гласови, Денис Беќировиќ, кандидатот на здружената опозиција „Обединети за слободна Босна и Херцеговина“ и Жељка Цвијановиќ од СНСД, влегуваат во Претседателството на Босна и Херцеговина.

Врз основа на 62 отсто од обработените избирачки места за Парламентот на БиХ, Партијата за демократска акција и Сојузот на независни социјалдемократи добија најмногу гласови.