Железничка несреќа во Хрватска,најмалку три лица загинале

илустрација

Најмалку три лица загинаа, а 11 се повредени кога се судрија патнички и товарен воз во централниот дел на Хрватска.

Судирот се случил синоќа, околу 21:30 часот по локално време, во близина на градот Новска, кој се наоѓа блиску до границата на Хрватска со Босна и Херцеговина.

„Ударот беше огромен,“ рече хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и потврди дека на местото на инцидентот се пронајдени тела на три лица, но рече дека може да се откријат уште жртви.

Повредените се хоспитализирани, бидејќи некои од нив се со тешки повреди, но никој не е во животна опасност, додаде тој.

Како што дознава Индекс, патничкиот воз се движел со брзина од 100 км/ч кога налетал на воз во дефект. Возот, наводно, поминал на црвено светло пред да удри во запрен товарен воз со полна брзина.

Томислав Антун Бибер, главен истражувач за железнички несреќи од хрватската Агенција за истражување на несреќи во воздушниот, железничкиот и поморскиот транспорт соопшти дека е очигледно дека патничкиот воз удрил во товарниот воз, кој бил во дефект. Според некои информации, патничкиот воз не застанал на сигналот за застанување. Истрагата ќе утврди зошто возот не застанал.