Македонскиот Стратешки дијалог со САД ќе го координира министерот за надворешни работи Бујар Османи, одлучи денеска владата на 45 седница. Во соопштението од владината прес служба е наведено дека Османи на 2 јуни ќе ја предводи владината делегација на отворањето на процесот во Вашингтон во чиј состав ќе бидат и министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за економија Крешник Бектеши и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Стратешки дијалог со САД за подобра економија и побезбедна држава
„Стратешкиот дијалог претставува подигнување на односите на повисоко ниво со САД и е од особено значајно во контекст на актуелните безбедносни закани. Во рамките на дијалогот ќе бидат опфатени теми од билатералните односи за соработка во економијата, трговијата, образованието, транспортот, енергетиката, климатските промени, демократскиот развој, борбата против корупција, владеењето на правото, како и безбедносните сегменти од соработката, од миграција, борба против тероризам, па се до справување со организираниот и меѓународен криминал“, се вели во соопштението на прес службата.
Стратешкиот дијалог со САД во фокусот на средбата Османи – Нуланд
Дијалогот ги опфаќа и актуелните безбедносни состојби, соработката на двете земји како НАТО партнери, аспирациите на Северна Македонија за зачленување на ЕУ, претстојното претседавање на земјава со ОБСЕ и македонските заложби во рамки на Самитот за демократија.