Продаден дел од акциите на Нафтената индустрија на Србија каде Русите имаат мнозински удел

Илустративна фотографија/ Рафинерија на НИС во Панчево

Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека шест отсто од акциите во Нафтената индустрија на Србија (НИС) го смениле својот сопственик. Денешните податоци на Белградската берза покажаа дека се продадени повеќе од 10 милиони акции на НИС, или шест отсто.

Вучиќ објасни дека шест отсто од акциите на Гаспром Нефт биле продадени на руската компанија Гаспром. Тој, исто така, потврди дека Русија сè уште има мнозински удел во НИС.

Тој објасни дека тоа е направено поради санкциите, односно дека Гаспром не е под санкции, додека Гаспром Нефт е опфатен од санкциите.

Од 2008 година, НИС е во мнозинска сопственост на руската државна компанија Гаспром Нефт. Гаспром Нефт поседува 56,15 отсто од компанијата, Србија 29,87 отсто, додека малцинските акционери имаат 13,98 отсто. НИС не се огласи јавно за оваа промена.

На 31 март, српскиот претседател Вучиќ изјави дека НИС потпаднала под санкциите на ЕУ против Русија. Тој рече и дека една од опциите е купување на НИС, со што оваа компанија каде мннозински сопственик се Русите би се вратила во државна сопственост.

НИС, со седиште во Србија, е енергетски гигант кој исто така има монопол на увозот на сурова нафта во Србија. Србија е во голема мера зависна од Русија во енергетскиот сектор. Освен што е најголемата нафтена компанија во земјата, НИС е во мнозинска сопственост на Русија, а Русија има монопол и на пазарот на гас во Србија.

Во меѓувреме Русија ја нападна Украина, а Европската унија воведе санкции против Русија, кои директно го засегаат рускиот, а индиректно и српскиот енергетски сектор.