ДИК: Избирачкиот список и пописот на населението се различни категории

Гласач на македонските локални избори во 2021 година

Државната изборна комисија реагира дека методологите за ажурирање на Избирачкиот список и методологијата за попис на населението се различни и немаат никаква поврзаност, како и дека се регулирани според посебни законски критериуми.

Реакцијата доаѓа по официјалното објавување на резултатите од Пописот 2021 година и одредени написи во медиумите. Имено, во избирачкиот список има запишано вкупно 1.824.864 гласачи, кои имаат над 18 години. Со пописот пак, чии резултати беа објавени вчера се избројани 1 836 713 жители како резидентно население во земјава, а дополително од дијаспората преку електронско самопопишување се избројани уште 260 илјади иселеници.

Избирачкото право, нагласуваат од ДИК, е уставна категорија и е уставно загарантирано право. Согласно Уставот, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право.

„Согласно уставната дефиниција за избирачкото право Изборниот законик предвидува дека право да избира има секој државјанин на Република Македонија кој наполнил 18 години живот и има деловна способност и е со постојано живеалиште во РСМ, оти избирачкиот список е јавна исправа во која се запишани граѓаните со избирачко право кој се води според Регистарот на државјаните, а во него се запишуваат сите граѓани со наполнети 18 години живот заклучно со денот на гласањето, кои имаат живеалиште на територијата на РСМ, а кои имаат важечка лична карта или патна исправа“, појаснуваат од Државната изборна комисија.

Од ДИК додаваат дека во Избирачкиот список се запишуваат и сите државјани на РСМ кои се на привремена работа или престој во странство, со живеалиште на територијата на РСМ и со важечка патна исправа. Овие лица се запишуваат според нивното последно живеалиште во РСМ.

Пописот во Македонија чии резултати беа објавени вчера, е прв по две децении. По објавувањето на резултатите дојдоа и многу критики за неговото спроведување. Партиите од власта дадоа позитивни оценки, додека оние од опозицијата изразија сомнеж во однос на веродостојноста на податоците.

Европската Комисија го поздрави пописот во Северна Македонија и го нарече - големо достигнување.