Ковачевски – Брнз: во ова време членството во НАТО и партнерството со САД се од исклучително значење

Скопје- средба на премиерот Димитар Ковачевски и амбасадорката на Соединетите Американски Држави Кејт Мари Брнз, 13.03.2022

Премиерот Димитар Ковачевски имаше средба во Владата со американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз, на која разговараа за ситуацијата во Украина, соопшти владината служба за односи со јавноста. Соговорниците, како што се наведува, истакнале дека воената агресија на Руската Федерација на една суверена земја е сериозна закана за мирот и безбедноста во Европа и во светот која како таква ја оцени огромен дел од меѓународната заедница.

На средбата било истакнато дека во ова време на кризна состојба во светот вредноста и придобивките од членството на Република Северна Македонија во НАТО и од стратегиското партнерство со Содинетите Американски Држави се од исклучително значење.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Фукујама - Ако западот не го сопре Путин во Украина, тоа ќе се прелее на Балканот


Премиерот Ковачевски во разговорот со амбасадорката Брнз ги презентираше мерките на Владата за справување со последиците од економската и енергетската криза, кои дополнително се усложнуваат со војната во Украина и истакна дека станува збор за сеопфатни мерки таргетирани да ја заштитат социјалната сигурност и стандардот на граѓаните, како и да обезбедат стабилни услови за работа на компаниите.

Амбасадорката Брнз нагласи дека сегашната безбедносна криза во Европа укажува на потребата од континуиран фокус на регионот и на Северна Македонија, вклучувајќи ја и Европската интеграција на земјата.