Бајден ослободи 7 милијарди долари од авганистанските резерви

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден потпиша извршна наредба со која ќе се ослободат околу 7 милијарди долари од авганистанските резерви кои беа замрзнати откако талибанците ја презедоа контролата врз земјата во средината на август.

Соединетите Американски Држави ќе формираат фонд во наредните месеци за да управува со половина од седумте милијарди долари, изјави претставник на Белата куќа. Другата половина од парите ќе останат во САД и ќе се користат за помош на жртвите од тероризам, вклучително и тужби против талибанците од страна на семејствата на жртвите од нападите на 11 септември.

Наредбата на Бајден се однесува на „широко распространетата хуманитарна криза во Авганистан -- вклучувајќи ги итните потреби на народот на Авганистан за безбедност на храна, поддршка за егзистенција, вода, санитација, здравје, хигиена, помош за засолнување и сместување, и помош поврзана со КОВИД-19, помеѓу другите основни човечки потреби -- и потенцијалот за продлабочување на економскиот колапс во Авганистан“, напиша Бајден во писмото до претседателот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси.

Бајден рече дека зачувувањето на сметките на „Да Авганистан Банк“ (ДАБ) што се чуваат во американските финансиски институции „е од најголема важност за справување со оваа национална вонредна состојба и за благосостојбата на народот во Авганистан“.

Бајден бара од финансиските институции да ги префрлат средствата на авганистанската централна банка на консолидирана сметка во Федералните резерви во Њујорк. Американските власти велат дека мнозинството од замрзнатите авганистански средства во САД се средства од помошта обезбедена во текот на две децении од САД и други донатори.

Белата куќа се најде под притисок да ги ослободи средствата за помош на Авганистанците, кои се во екот на економска и финансиска криза што му се заканува со глад на повеќе од половина од населението во земјата.

Талибанските претставници оваа недела во Женева одржуваат разговори со меѓународните организации за отворање пристап до витална хуманитарна помош, која се задржува бидејќи сегашната влада во Кабул допрва треба да биде признаена од владите ширум светот поради загриженоста за човековите права и слободи.

Авганистан има резерви од повеќе од 9 милијарди долари, вклучително и нешто повеќе од 7 милијарди долари резерви кои се чуваат во САД. Остатокот главно се чува во Германија, Обединетите Арапски Емирати, Швајцарија и Катар.