Порошенко се врати во Киев

Поранешниот украински претседател Петро Порошенко се врати во Украина за да се бори против обвиненијата за предавство што ги отфрла како политички мотивирани. Тој пред полетувањето на аеродромот во Варшава изјави дека оди да ја брани Украина.

„Мораме да се обединиме за да покажеме дека Украина е силна и дека е способна да застане против агресијата на рускиот претседател Владимир Путин“, изјави Порошенко.

На аеродромот го пречекаа дел од неговите поддржувачи кои носеа транспаренти на кои пишуваше „Ни треба демократија“ и „Стоп за репресиите“.
Во меѓувреме, Украинското државно биро за истраги соопшти дека се обидело да му достави покана на 56-годишниот поранешен претседател, за кој тврди дека одбил да ги земе документите.

Во текот на денешниот ден се очекува Судот во Киев да донесе одлука дали да му одреди притвор на Порошенко.

Порошенко, кој сега е пратеник и лидер на опозициската партија Европска солидарност, е под истрага за наводно предавство поврзано со продажбата на јаглен што помогнало во финансирањето на сепаратистите поддржани од Русија во источна Украина во 2014-15 година додека тој беше на функцијата.

Порошенко и неговата партија ги негираат обвиненијата и го обвинуваат претседателот Володимир Зеленски за политички прогон во време кога на земјата и е потребно национално единство за да се соочи со руската агресија.
Порошенко пред да се врати во Киев, на прес конференција во Варшава изјави дека „ќе се врати во Украина да се бори за Украина, а не да се бори против Зеленски“.

„Мислам дека ова е многу неодговорна акција на сегашното раководство да ја распадне земјата и да го уништи единството“, им рече тој на новинарите.

Порошенко од Варшава посочи дека не верува дека ќе биде уапсен по пристигнувањето во Киев. Порошенко е еден од најбогатите Украинци, сопственик е на фабриката за чоколади „Рошен“, а судот во Киев го „замрзна“ неговиот имот во рамки на истрагата.

Во Украина во услови на потенцијална руска инвазија „нема хистерија“

На 6 јануари, судот во Киев го замрзна имотот на Порошенко како дел од официјалната истрага за наводно велепредавство. Минатиот месец, обвинителите побараа од украинскиот суд да го уапси Порошенко со можност за кауција одредена на 1 милијарда гривни односно 37 милиони долари.

Порошенко беше избран за шеф на прозападна влада по протестите во 2014 година со кои беше соборен поранешниот претседател Виктор Јанукович поддржан од Русија. Русија незаконски го анектираше Крим и почна да ги поддржува сепаратистичките борци во тековната војна во источна Украина која избувна истата година и однесе повеќе од 13.200 животи.

Обвинувањата против Порошенко предизвикаа домашна и меѓународна загриженост дека Зеленски и неговите сојузници политички се одмаздуваат.
Тоа се случува во период кога Русија испрати војници долж границата со Украина, што предизвикува загриженост дека рускиот претседател Владимир Путин можеби планира да ја нападне Украина.