Најмалку 12 загинати во напад на Исламската држава врз курдско село во Ирак

Архивска фотографија: Борец на Исламската држава во Рака во 2014 година

Најмалку 12 луѓе, меѓу кои и курдски борци, загинаа во напад на екстремистичката организација Исламска држава врз село во северен Ирак, јавуваат денеска курдските медиуми.

Во синоќешниот напад врз селото во регионот Макмур загинале тројца цивили и деветмина курдски борци, познати како пешмерга.

Исламската држава не ја презеде одговорноста за нападот, а други детали не се соопштени.

Иако беше поразена во Ирак во 2017 година, Исламската држава и понатаму често изведува напади врз ирачките безбедносни сили и врз курдските борци.

Екстремистите во многу области во Ирак имаат таканаречени „спијачки ќелии“, особено на северот на земјата, каде што централната влада во Багдад и автономната курдска влада имаат територијален спор.

Меѓународната коалиција на чело со САД, формирана заради борба против Исламската држава, објави крај на мисијата и најави дека ќе ги повлече војниците од Ирак до крајот на овој месец. Советниците ќе останат да ги обучуваат ирачките сили.