Талибанците побарале помош од Европската унија за одржување на авганистанските аеродроми, за време на разговорите во Катар одржани викендов.
Денеска во Катар, пак, стартуваат состаноците меѓу САД и официјални лица на талибанците.
Меѓународната заедница одби да ги признае новите власти во Авганистан откако талибанците ја соборија меѓународно поддржаната влада во Кабул.
Наглото повлекување на поголемиот дел од странската помош и развојната поддршка по преземањето на власта од страна на талибанците ја доведе економијата во земјата разурната од војна во слободен пад. Замрзнати се и резервите на авганистанската централна банка кои се чуваат во странство.
Како резултат на тоа, Обединетите нации велат дека Авганистан е на работ на хуманитарна катастрофа, при што повеќе од половина од неговото население е изложено на ризик да нема доволно за јадење во текот на претстојната зима.
Во соопштението на Европската служба за надворешни работи на ЕУ, објавено доцна синоќа, се наведува дека делегацијата на талибанците во Доха ја предводеше привремениот министер за надворешни работи Амир Кан Мутаки, а во неа членувале и привремените министри за образование и здравство, како и вршителот на должноста гувернер на централната банка.
Делегацијата на ЕУ ја предводел специјалниот пратеник на ЕУ за Авганистан, Томас Никласон, со претставници од Службата за надворешни работи и службата на Европската комисија која се занимава со хуманитарна помош, меѓународни партнерства и миграција.
„Дијалогот не подразбира признавање од страна на ЕУ на привремената [талибанска] влада, туку е дел од оперативниот ангажман на ЕУ, во интерес на ЕУ и авганистанскиот народ“, се наведува во соопштението на Службата за надворешни работи на ЕУ.
На состанокот, претставниците на ЕУ и претставниците на талибанците „изразија сериозна загриженост за влошувањето на хуманитарната ситуација во Авганистан како што доаѓа зимата“, се вели во соопштението.
Двете страни ја истакнале важноста авганистанските аеродроми да останат отворени за да се олесни безбедното минување на Авганистанците и странските државјани кои сакаат да го напуштат Авганистан, се вели во соопштението и се додава дека авганистанската делегација побарала помош за одржување на операциите на аеродромите.