Италија е победник на Евровизија

Групата Манескин од Италија на сцената по победата на Евровизија во 2021 година во Ротердам, Холандија. 23.05. 2021 година.

Италијанската глам рок-група Манескин годинава е победник на Евровизија со песната „Зити Е Буони.“

Според гласовите на стручното жири, најмногу гласови освои Швајцарија - 267. Но, по пребројувањето на гласовите на публиката, стана јасно дека италијанскиот бенд Манескин е овогодишен победник на Евровизија.

Ова е трет пат во историјата на ова натпреварување Италија да ја освои титулата за најдобра песна.

По двете полуфинални вечери, Евровизија се одржа во живо во арената во Ротердам пред публика од 3.500 луѓе.

Ова е меѓу првите големи натпреварувања што се одржуваат во живо во сенка на пандемијата на Ковид-19. Сепак, и со тестови и мерки на претпазливост, не секој можеше да го избегне корона вирусот.

Исландскиот бенд „Дади ог Гагнамагнид“ не настапи во живо за време на полуфиналната вечер во четвртокот, ниту во вечерашното финале со оглед на тоа дека еден од членовите на бендот бил позитивен на корона вирусот.

Така публиката имаше шанса да види снимка од претходната проба, додека членовите на бендот беа во карантин во хотел во Ротердам.

После двете полуфинални вечери во вторникот и четвртокот, на последната вечер присуствуваа изведувачи од 26 земји, по 10-те најдобри од секое полуфинале, земјата домаќин и петте земји кои одат директно во финалето: Германија, Италија, Франција, Шпанија и Велика Британија.

Од земјите на Западен Балкан, само групата „Хурикејн“ од Србија успеа да се пласира во финалето.

Најдобрата евровизиска песна е избрана од жири составено од експерти од музичката индустрија, но и од гласовите на публиката.

Холандија беше домаќин на годинешното 65-то издание на натпреварот за најдобра песна во Европа, откако Данкан Лоренс победи во 2019 година во Тел Авив.

Минатата година натпреварот беше откажан поради ковид пандемијата .

Традиционалното натпреварување за песна на Евровизија привлекува публика од 200 милиони луѓе од 45 земји.