Избраниот американски претседател Џо Бајден изрази желба за брзо започнување нови преговори со Иран, но во консултација со сојузниците на САД, и тоа откако повторно ќе се приклучи на меѓународниот договор за нуклеарната програма. Бајден во интервју за Њујорк Тајмс го потврди ставот што го искажа за време на кампањата за претседателските избори одржани на 3 ноември во САД. Тој во колумна во септември напиша дека Соединетите држави ќе се вратат на договорот доколку Техеран строго се придржува кон обврските од тој документ. Бајден за Њујорк Тајмс изјави дека тоа е сè уште негова позиција.
Иранскиот безбедносен апарат под удар по атентатот врз нуклеарниот научник
„Најдобар начин да се постигне одредена стабилност во регионот е да се разгледа иранската нуклеарна програма. Ако Иран има атомска бомба, тогаш би се создала трка на нуклеарно вооружување на Блискиот исток и тоа е последното што ни треба на тој дел од светот", рече тој. Враќањето на договорот би значело укинување на големите санкции воведени од актуелниот американски претседател Доналд Трамп по повлекувањето од договорот. Како одговор, Иран постепено започна да се повлекува од своите обврски согласно договорот.