Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хаменеи повика на одмазда по убиството на врвниот ирански нуклеарен научник Мохсен Фахризадех. Хаменеи повика на „следење на ова злосторство и казнување на одговорните“. Тој ова го наведе во текст објавен на неговиот официјален интернет сајт денеска.
Иранскиот претседател Хасан Рохани го обвини Израел дека делува како „платеник“ на Соединетите Американски Држави.
“Уште еднаш злобните раце на глобалната ароганција, со узурпаторскиот Ционистички режим како платеник, се извалкани со крвта на син на нашата нација“ , напиша Рохани денеска.
„Глобална ароганција“ е термин често користен од иранските власти за САД, а „Ционистичкиот режим“ за Израел.
Шефот на иранската нуклеарна агенција Али-Акбар Салехи, пак, нагласи дека убиството на Фахризадех нема да има влијание врз иранската нуклеарна програма. Тој беше на чело на организацијата за истражувања и иновации во Министерството за одбрана, а западните разузнавачки служби го сметаа за организатор на тајната иранска програма за нуклеарно оружје.
Фахризадех беше убиен во близина на Техеран во напад за кој иранската влада веднаш го обвини Израел наведувајќи дека носел обележја на израелска операција. Министерот за надворешни работи на Иран Мохамад Џавад Зариф вчера рече дека има „сериозни индиции за израелска улога“ во атентатот. Тој исто така ја повика меѓународната заедница „да стави крај на нивните срамни двојни аршини и да го осуди овој чин на државен тероризам“.
Израел одби веднаш да го коментира убиството на Фахризадех, а истото го сторија и Пентагон, Белата куќа, Стејт департментот и ЦИА. Весникот Њујорк Тајмс, цитирајќи американски официјални лица и двајца други од разузнавањето наведува дека Израел стоел зад нападот, иако не е јасно што и дали воопшто знаеле нешто САД за операцијата.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во 2018 година зборувајќи за иранските нуклеарни активности, го спомена Фахризадех доавајќи „запомнете го тоа име“.