Ирански врвен научник беше убиен во близина на Техеран од „вооружени терористи“ во напад за кој иранската влада вели дека носи обележја на израелска операција.
Мохсен Фахризадех, кој беше на чело на организацијата за истражувања и иновации во Министерството за одбрана, бил „сериозно ранет“ при нападот врз неговото возило и починал неколку минути подоцна, стои во соопштението на Министерството.
Западните разузнавачки служби го сметаа Фахризадех за организатор на тајната иранска програма за нуклеарно оружје.
Министерот за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф рече дека има „сериозни индиции за израелска улога“ во атентатот. Тој исто така ја повика меѓународната заедница „да стави крај на нивните срамни двојни аршини и да го осуди овој чин на државен тероризам“.
Израел засега одбива да го коментира убиството на Фахризадех, за кого израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху еднаш рече „запомнете го тоа име“.
Израел долго време беше осомничен дека извршил серија убиства врз ирански нуклеарни научници пред скоро една деценија.
Пентагон исто така одби да го коментира убиството.
Фахризадех ја предводеше иранската програма Амад(надеж). Израел и западот велат дека програмата е воена операција за проценка на можностите за производство на нуклеарно оружје во Иран. Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма е мирнодопска.
Иранската државна телевизија објави дека стар камион со дрва, во кој имало подметнато експлозив, експлодирал кога покрај него поминал автомобилот во кој бил Фехризадех. Кога автомобилот запрел, најмалку пет вооружени луѓе почнале да пукаат кој нив.
Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека програмата Амад завршила во раните 2000-ти години. Инспекторите на агенцијата сега ги мониторираат иранските нуклеарни постројки, како дел од договорот меѓу Техеран и шесте светски сили од 2015 година.