Од ЕУ и СЗО бараат да се зголеми бројот на тестирања за ХИВ

Илустрација

Агенцијата за контрола на болести на Европската унија (ЕУ) и Светската здравствена организација (СЗО) бараат повеќе тестирање за ХИВ, бидејќи многу заразени лица се дијагностицираат премногу доцна, особено во Источна Европа, Русија и Централна Азија. Доцната дијагноза на вирусот што предизвикува СИДА придонесува за постојан пренос на ХИВ, честопати неколку години, и спречува заразени лица да добијат третман за спасување живот.

Извештајот објавен на 26 ноември од страна на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) и СЗО покажа дека во 2019 година повеќе од 136.000 луѓе биле ново-дијагностицирани во европскиот регион на СЗО, во кој членуваат 53 земји. Околу 80 проценти од новите дијагнози биле во источниот регион на СЗО, кој ги вклучува Источна Европа, Русија и неколку земји во Централна Азија. Околу половина од дијагнозите се случија доцна во текот на инфекцијата, кога имунолошкиот систем веќе започна да не успева.

„Ова е знак дека стратегиите за тестирање во регионот не работат правилно за рано дијагностицирање на ХИВ“, се вели во заедничкото соопштение на здравствените агенции.

Иако не е познато како КОВИД-19 влијае на тестирањето за ХИВ, регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге предупреди да не се дозволи пандемијата „да ни ја одземе иднината без СИДА што е во наша моќ“.