Илјадници луѓе се простија од Раман Бандаренко, убиениот антивладин демонстрант, чуе убиство ги засили протестите за оставка на авторитарниот лидер Александар Лукашенко по оспорените избори од август.
Многумина од насобраните пред црквата Воскресение Христово во Минск денеска ги кренаа рацете и скандираа „Ти си херој“ и „Да живее Белорусија“.
Убиството на демонстрантот е кулминација на неколкумесечните протести по претседателските избори на 9 август, за кои опозицијата тврди дека биле наместени, а Западот одби да ги признае.
Откако телото на 31-годишниот Бандаренко беше изнесено од црквата, илјадници луѓе тргнаа пешки во поворка до Северните гробишта во Минск, каде што се одржа погребот.
Бандаренко почина во болница на 12 ноември откако наводно бил претепан од маскирани припадници на безбедносните сили.
Последните познати напишани зборови на Бандаренко: „Излегувам“ станаа една од паролите на протестите против Лукашенко.
Неколкумина демонстранти беа убиени, а илјадници луѓе беа уапсени откако властите го прогласија Лукашенко, кој владее со земјата 26 години, за убедлив победник на изборите. Има веродостојни информации за тортура за време на големата безбедноста акција против опозиционерите. Најголем дел од опозициските лидери во земјата се уапсени или принудени да ја напуштат земјата.
По смртта на Бандаренко, ЕУ на 13 ноември го осуди насилното задушување на протестите и се закани со нови санкции против Минск.