Белоруските безбедносни сили апсат демонстранти

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Белоруската полиција вчера го растера протестот против Александар Лукашенко во околината на Минск, при што уапси најмалку 70 лица. Апсењата се случија на едно поле во близина на Курапати, северо-источно од Минск, каде што беа погубени неколку илјади луѓе за време на Сталинистички злосторства во Белорусија во 30-те и 40-те години од минатиот век. Вчера во Минск се собраа меѓу 20.000 и 30.000 луѓе. Белорусија е зафатена со политичка криза уште од претседателските избори на 9 август, кога започнаа масовни антивладини протести низ целата земја, иницирани од официјалните резултати од гласањето, според кои Лукашенко освои повеќе од 80 проценти од гласовите. Противниците на Лукашенко тврдат дека изборите биле украдени. И покрај напорите на властите да ги задушат демонстрациите со апсење и репресија на демонстранти и активисти, масовните протести не стивнуваат дури и по скоро три месеци. 66 годишниот Лукашенко, кој управува со Белорусија со цврста рака од јули 1994 година ги обвинува западните земји за поттикнување протести.