Почнува 39-тиот Скопски џез фестивал

Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов вечер ќе го отворат 39-ти Скопски џез фестивал, што ќе се одржува до 17 октомври годинава. Познати изведувачи од земјава и од Европа ќе одржат концерти во живо во салата на Националната опера и балет во рамки на фестивалот.

Од земјава ќе учествуваат специјалниот фестивалски проект на Тони Китановски и неговиот „мал биг-бенд“, триото на Сашо Поповски со концертна промоција на новиот албум, како и сосема новата формација на Светлост + Одрон Ритуал Оркестра.

Од Шпанија доаѓаат водечкиот фламенко гитарист Чикуело и не помалку реномираниот пијанист Марко Мезкида, од Австрија култните Радиан, од Хрватска пијанистот Матија Дедиќ, кој ќе одржи соло рецитал со музиката на неговиот славен татко, а фестивалот ќе го затворат легендарните француски браќа Стефан и Лајонел Белмондо со својот квинтет.

Со цел одржување на традиционалните врски на фестивалот со американските и норвешките џез музичари, кои овојпат не можат да патуваат вон своите земји, потврден е онлајн стриминг на три ексклузивни концерти што ќе се случат во Њујорк и Осло, специјално за Скопскиот џез фестивал: триото на Вилијам Паркер, со Ава Мендоза и Џералд Кливер, дуетот Крис Дејвис / Ингрид Лауброк и големиот ансамбл на Тригве Сеим.

Бесплатен онлајн стриминг ќе биде обезбеден за следење на сите концерти на фестивалот што ќе овозможи негова достапност во целиот свет.