Софтверскиот гигант Оракл склучи договор да стане „доверлив технолошки провајдер“ на БајтДенс, кинеската матична компанија на популарната апликација за споделување видеа ТикТок за операции во САД.
Американскиот министер за финансии Стивен Мнучин изјави дека БајтДенс доставил предлог за време на викендот на американската влада за одобрување. Мнучин рече дека предлогот предвидува и глобално работење на ТикТок во компанија со седиште во САД со 20.000 нови работни места. Владиниот панел што ги разгледува странските трансакции за прашања од националната безбедност сега ќе го разгледа партнерството.
Се чини дека зделката не е целосна продажба или аквизиција на популарната видео-апликација, туку нешто слично на заедничко вложување. Мајкрософт претходно соопшти дека неговата понуда за купување на „ТикТок“ е одбиена.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец се закани дека ќе го забрани ТикТок до 20 септември, тврдејќи дека податоците што ги собира може да бидат алатка за кинеското разузнавање и му нареди на БајтДенс да го продаде својот бизнис во САД.
Републиканските и демократските пратеници исто така изразија загриженост во врска со цензурата и приватноста на децата. ТикТок вели дека има 100 милиони корисници на САД и околу 700 милиони на глобално ниво.