АНА КАП ТРИО и Џијан Емин – француско-македонска врска во Филхармонија

Во Филхармонија, в сабота, на 29 февруари во 20 часот, ќе се случи се* само не обичен концерт. Ќе настапат француското АНА КАП ТРИО, нивниот пријател Џијан Емин, Оливие Самолиан - неговиот соборец од ПРОЕКТ ЖЛУСТ и гудачи од Оркестарот.

По две недели од претставувањето на нивното возбудливо „Траума шоу“ во Камерната сала, француското АНА КАП ТРИО за крај на својот резиденцијален престој во Скопје и во Македонија еве го повторно во Филхармонија. Овојпат со концерт кој би требало да биде надградба на нивното промотивно „вистинско камелеонско, инспиративно патување во кое се комбинираат виртуозна музика, чудесна комедија и дадаистичките песни“, со нешто што спонтано настануваше во интеракција со нивните овдешни пријатели и соработници. Пред се* со Џијан Емин со кого соработката слегува до 2012 година и заедничката турнеја по Македонија и Косово и чиј „Фалцер“ е одлично вклопен во нивното лудо поетско шоу, а потем и со неговиот другар од времето на ПРОЕКТ ЖЛУСТ – Оливие Самолиан на виола ( некогашниот сопруг на Теона Митевска и водач на сопствен состав во Франција) и гудачите Марија Михајловска, Марија Трајковска и Бојан Илковски.

А, во пресрет на случувањето само уште информацијата дека зад АНА КАП ТРИО стојат трубачот Пјер Миле, Жан Мишел Трото на хармоника и Мануел Декок на виолина, кој иако е последен пристигнат во составот поради својот „перфектен англиски“ ја презел улогата на гласноговорник.

„Мислам дека на самиот почеток Пјер и Жан Мишел ја почнале соработката со идеја да ги озвучат приказните на една жена која често настапувала по плоштадите. Потоа и јас им се придружив. Сите компониравме и така полека почна да настанува нашата „домашна музика“, некаков микс од џез, овде повеќе мислам на слободарскиот дух и можностите за импровизација што тој ги нуди, потем традиционалната француска музика како валцот...многу еклектична музика, без бас и тапани и без пеење. Инаку, во овие 12 заеднички години на триото му се случија многу трансформации. На почетокот свиревме сериозна музика, многу сериозна музика. Арно ама бидејќи ние сме момци кои сакаат смеа и сакаат да се смеат, да се шегуваат, да направат некакви „вознемирувачки акции“ направивме шоу кое го нарековме „Траума шоу“ и во кое се испреплетени драмата, комедијата, музиката и смеата. Со овој концепт досега имаме снимено четири албуми и еве не тука“, вели Мануел Декок.

Говорејќи, пак, за нагласениот артизам на нивните настапи тој со појаснување дека на почетокот биле музичари кои со сите сили се труделе да и претстават на публиката врвна изведба. Но, како што забележува, свиреле убава, лесна, комуникативна програма а од друга страна биле смртно сериозни. А, музиката што ја изведувале и тоа како барала драматичност при претставувањето. Затоа се решиле да внесат дел од себе, од сопствениот вроден артизам, и така на наједноставен начин да допрат до публиката. Да ја освојат на прва топка и да ја натераат со насмевка да си замине од нивните шоу програми.

„Нам ни стана многу важно да не бидеме сериозно сфатени. Зошто? Бидејќи музиката е забава. Музиката не смее да биде церемонија. Ништо од тоа. Музиката треба да се свири онака како што ја чувствуваш, притоа треба да бидеш многу добар инструменталист...но не е неопходно да се прави класичен сериозен перформанс. Во ред на почетокот се е музика и тогаш почнуваме со шоуто и она што гледаме дека над главите на посетителите почнуваат да кружат бројни прашалници. Луѓето како да се прашуваат „Па, што прават овие тројца на сцената?“. И, така паѓаат сите бариери меѓу нас“, смета виолинистот.

Од друга страна АНА КАП ТРИО соработката со нашиот мулти-инструменталист, композитор, аранжер и диригент Џијан Емин ја почнале пред 10-на години при нивната прва посета и турнеја во регионов иако нивното познатство датира и од пред тоа. Велат дека притоа се нашле на исто ниво во однос на односот кон музиката и смислата за хумор.

фото: Маја Аргакиева

Џијан, од своја страна појаснува дека со Пјер Миле и Жан Мишел Трото се запознале на концертот на Тони Китановски и ЧЕРКЕЗИ ОРКЕСТАР во Каен, Франција. По концертот тие го поканиле да свири со нив во проектот што тогаш го работеле со тамошниот биг бенд.

„Потоа некако станавме добри другари. Бар мене многу ми се допадна начинот на кој музичарите во Нормандија комуницираат меѓу себе, како си живеат...речиси исто како и ние овде во Македонија. Се најдовме на енергетско и емотивно ниво. Некако ми беше нормално сето тоа. Многу пријатно и многу убаво. Проструи безмалку онаа иста енергија која беше својствена за ПРОЕКТ ЖЛУСТ. Сликата се повтори кога тие дојдоа во Скопје, потоа имавме неколку концерти кај нив во Нормандија. Тогаш и снимавме материјал и објавивме еден заеднички албум. И еве не сега сме тука, снимаме нов материјал и подготвуваме концерт“, истакнува Емин.

Во пресрет на саботниот концерт Трото забележува дека идејата е „всушност албумот да дојде како резултат на дво неделната музичка дружба, подготовките за неа, пробите и конечно концертот што ќе го отсвират за публиката во Филхармонија“.

„На концертот ќе свириме главно наши композиции и една, две на Џијан...ако собереме доволно пари да му платиме за нив. Се шегувам. Покрај него како пијанист во случајов ќе бидат и нашиот сонародник Оливие и гудачи, одбрани музичари од оркестарот на Филхармонија. На оваа идеја дојдовме откако со Џијан снимивме една заедничка композиција со гудачки квартет и таа се најде на нашиот последен албум. Станува збор за колоритно музичко парче кое ви го отвора умот и кое цели кон афирмација на добрата амбиција да се креира нешто ново, прогресивно“, смета Жан Мишел.

фото: Маја Аргакиева

Во контекст на ова Џијан со дополна дека концертот на АНА КАП ТРИО можело да биде реализиран на повеќе начини, но дека во разговор со директорот Виктор Илиевски и со Продукцијата на Македонската филхармонија дошле до идеја да направат еден заеднички проект во кој би биле инволвирани и други членови од Оркестарот во еден не-типичен програм и амбиент за класични музичари

„Нешто слично како што јас го работам во други мои состави, меѓутоа ова е конкретно можеби отворање на една платформа што би се викала „artist in residence“ во некоја блиска иднина се надевам. Инаку, според мојата точка на гледиште во однос на музиката и што Пјер ја пишува и би рекол е малку филозофски ориентирана и едноставно бара да се размисли не само што се свири туку и како се свири, за интензивноста на звукот, моќта на песната и нејзиниот дух...и така со ред. Конечно, овој начин на работа е она што јас сакам да им го презентирам на колегите од Оркестарот и од Филхармонија како нешто кон што треба да се стремиме во времето пред нас. Сметам дека неколку вакви проекти во текот на една сезона би смениле многу во однос на нашето поимање на нештата. Значи да каниме музичари од страна и со нив активно да работиме на проекти од самиот нивни почеток до крајната реализација“, вели тој.

фото: Маја Аргакиева

Инаку, плановите на потписниците на овој проект се тој и натаму да живее на сцените во Македонија и во Франција.

„Се уште не знаеме што од сево ова ќе излезе. Ние сега сме во фаза на создавање, компонирање на музиката што ќе ја свириме. Потоа сето тоа ќе треба да го поставиме на сцена и конечно ќе чекаме да се случи очекуваниот концерт. Се надеваме на поддршка од публиката, а по неговото завршување многу непознати ќе бидат тргнати на страна. Единствено знаеме дека би сакале повторно и повторно да го свириме материјалот. И овде и во Франција. По земјите од Европа, онолку колку ќе можеме повеќе... но сето тоа е неизвесно. И на тоа ќе мислиме допрва. Битно е тоа што со мешање на музиките и културите ќе дојдеме до еден интересен и дефинитивно возбудлив резултат. Ние во АНА КАП ТРИО преферираме тотално отворен концепт. Не сакаме никој да ни кажува ова може да се свири, ова не...и слично. Да се поигрува со нашата потреба за слобода за творење. Ќе го правиме и во иднина тоа што го сакаме...оти добрата музика е добра музика. И толку. Таа може да биде и техно, и рок, и современа музика. Нема правила за тоа“, заклучува Декок.

Тој, пак, во името на триото не заборава да истакне дека е фасциниран од богатата македонска музичка традиција. Вели дека една од големите придобивки што успеале овде да ги видат е што таа традиција сеуште живее и пулсира. Што за нејзината иднина се грижат и младите музичари кои и приоѓаат со почит и желба да ја истражуваат и прилагодат на времето во кое живееме. Од друга страна, како што ќе рече, не е таков случајот во неговата родна Франција каде според нив таа традиција полека се гасне оти нималку не им е интересна на младите кои преферираат нешто квази-модерно и туѓо.

„Знаете за нас беше особено важно да го видиме тоа. Ние и се воодушевуваме на таквата почит на традицијата. Ова не е само љубезност што ќе го кажам, но верувајте затоа ги сакаме луѓето овде во Македонија. Не воодушевува и топлината со која ни приоѓаат и желбата да комуницираат со странците. Една насмевка зборува многу повеќе од милион празни зборови. А, ако не прашуваш што е она што нам ни боде очи тоа се огромниот број обележја. Зошто ви беше потребно да изградите толку многу грди споменици, некакви чудни копии...за некои немам зборови да кажам на што личат, лудило...признава низ смеа „дека се надева оти за ова нема да оди во затвор“, вели Мануел Декок.