Уметникот на новата генерација Естер Ју во „Бајка“ со Филхармонија

„Бајка“ е насловен концертот на кој со оркестарот на Филхармонија, овој четврток на 20 февруари во 20 часот, како солистка ќе настапи американската виолинистка Естер Ју, а ќе диригира маестро Чарлс Оливиери Мунро од Малта. На програмата покрај суитата на Сук, се и дела на Глазунов и Сметана.

Секој музичар е како на луда железница од емоции додека свири. И тоа се случува за многу кратко време, што од една страна е привилегија, но од друга страна понекогаш е навистина тешко да се носиш со тие емоции. Може да си на турнеја со оркестар кој има повеќе од 200 луѓе, да свириш секоја вечер, да запознаваш нови луѓе, да одиш во различни градови, да чувстуваш различни емоции, да запознаваш луѓе од публиката после секој концерт... И кога ќе заврши турнејата се’ исчезнува, и тогаш се чувствуваш празно...

Ова во една пригода на новинарите ќе им го каже Естер Ју, исклучителната американска виолинистка која овој четврток, на 20 февруари во 20 часот, ќе биде солист со Македонската филхармонија на концертот насловен по делото на славниот чешки композитор и инструменталист Јозеф Сук - „Бајка“. На програмата се и Концертот за виолина и оркестар од прочуениот руски композитор и претставник на доцниот романтизам Александар Глазунов и симфониската поема „Кампот на Валенштајн“ од чешкиот музички гениј Беджих Сметана, а со оркестарот ќе раководи маестро Чарлс Оливиери Мунро од Малта.

Но, која е Естер Ју?

Станува збор за вонсериска американска виолинистка која го привлече вниманието на музичката јавност во 2010 година кога стана најмлад добитник на интернационалниот виолински натпревар „Сибелиус“. Во 2012 година беше една од најмладите лауреати на натпреварот „Кралица Елизабета“, а во периодот од 2014 до 2106 година беше „Уметник на новата генерација“ на Би-Би-Си, и првиот резидент уметник во Кралскиот филхармониски оркестар. Критиката ја опишува нејзината изведба како неверојатно моќна и драматична, а за Естер ќе биде забележано дека е исклучително софистицирана и интелигентна виолинистка со препознатлив стил на изведба.

Инаку, таа започнала да свири на петгодишна возраст и потсетувајќи се на детството знае да каже: Мојата баба беше пијанистка, но и целото мое семејство сакаше класична музика. Израснав слушајќи различен тип музика уште од бебе. Раните години од детството ги поминав во Њу Џерси, во дел кој е многу блиску до Њујорк, а моите родители ме носеа на извонредни концерти во ‘Карнеги Хол’ и ‘Линколн Центар’ уште кога имав три години.

„Седев мирна на овие концерти, маѓепсана од музиката и од она што се случуваше на сцена. Првиот инструмент на кој почнав да свирам беше пијано, кога имав четири години, но набргу потоа посакав да свирам виолина инспирирана од виолинистите кои ги слушав на концертите на кои одев како дете. Бев многу срамежлива како мала, а свирењето виолина ми помагаше да изразам емоции во „сигурна зона“, вели Естер Ју.

Говорејќи за натамошниот тек на кариерата не заборава да нагласи дека една од големите инспирации во текот на развојот како уметник и бил славниот американски диригент, композитор и виолинист Лорин Мазел.

„Имав среќа да запознаам и да работам со легендарни музичари кои ми беа најголема инспирација. Маестро Лорин Мазел ми беше голем ментор, тој ме запозна и ме научи како да се носам со предизвиците кои одат рака под рака со музичкиот живот. Маестро Владимир Ашкенази со кого имав можност да снимам два албуми и да свирам на неколку концерти ме научи како да создавам музика и да бидам позитивна и да се забавувам на сцена. Маестро Еса-Пека Салонен е исто така важен во развивањето на мојата музичка визија. Со него имав турнеја и тој ми покажа нови патишта на звукот за кои не бев свесна дека постојат. Генерално најмногу се инспирирам кога директно контактирам со луѓе – без разлика дали разменувам идеи со некој голем диригент, свирам камерна музика со исклучителни колеги, или влегувам во страстни дискусии со луѓе кои немаат допирна точка со музиката“, истакнува Ју.

Според неа, дефинцијата за успех е различна за секој и сите имаат свое толкување на среќата.

„Моментално, успех за мене е што можам да се изразам себеси преку музиката, да го споделам тоа искуство со публиката и да создадам бесценети спомени. Оддамна го исфрлив зборот совршено од се’. И без тоа е тешко да најдеш среќа, уште совршена среќа, мислам дека такво нешто не постои. Среќа за мене е да го работам она што го сакам, да ја ширам љубовта, да се чувствувам комотно и убаво со својата кожа“, вели познатата американска виолинистка.

Од друга страна, Чарлс Оливиери Мунро е уметнички директор и главен диригент на Филхармонијата во Краков од 2015 година, почесен главен диригент со Северна Чешка филхармонија (претходно нејзин музички директор) и почесен гостин диригент со Туринген филхармонијата во Германија. Згора на ова тој е редовен гостин диригент со многу оркестри особено во Европа, како и уметнички директор на неколку фестивали за класична музика. Диригирал со оркестри од калибар на Израелската филхармонија, Симфонискиот оркестар во Монтреал, Симфонискиот оркестар на Торонто, Симфонискиот оркестар во Сиднеј, Симфонискиот оркестар во Минхен, Филхармонијата во Штутгарт, Симфонискиот оркестар во Будимпешта, Варшавската филхармонија, Кралската филхармонија во Брисел...

Роден на Малта, Мунро пораснал во Канада каде што студирал пијано со еминентниот педагог Борис Берлин на Кралскиот конзерваториум за музика на Универзитетот во Торонто. Таму добил три стипендии и своето образование го развивал во Канада, но и во Брно и во Сиена. Неговата меѓународна кариера почнала со серија триумфи на меѓународни натпревари, кулминирајќи со Прва награда на Меѓународниот музички фестивал Прага во 2000 година.

Неговите успеси како диригент се поткрепени со многу награди, меѓу кои и со престижното признание во 2013 година – „Бренд личност“ од Фондацијата „Азија Пацифик“, чии добитници претходно беа имиња како Стив Џобс, Нелсон Мандела и Марк Закерберг. Конечно Оливиери Мунро, покрај стандардниот репертоар, огромно внимание посветува на делата на чешките музички мајстори како Дворжак, Сметана, Јаначек и Мартину.