Светските ѕвезди се простуваат од Коби Брајант

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Маглата, причина за падот на хеликоптерот во кој загина Коби Брајант

Малата видливост е најверојатна причина за падот на хеликоптерот во Калифорнија при што загинаа девет луѓе, меѓу нив и американскиот кошаркар Коби Брајант и неговата 13 годишна ќерка.

Шерифот од округот Лос Анџелес Алекс Вилануева изјави дека имало мала видливост во моментот на падот на хеликоптерот во кој бил и кошаркарската легенда Коби Брајант.

Тој пред новинарите рече дека во тој период, поради лошите временски услови им било наредено наполициските хеликоптери да не полетуваат.

„Знаеме дека биле во прашање видливоста и нискиот лет. Вистинските услови во моментот на падот, тоа сè уште треба да се утврди, и тоа ќе го имаме наскоро со Национален одбор за безбедност во сообраќајот“.

Брајант, неговата ќерка и седум други лица загинаа, кога нивниот хеликоптер од типот Сикорски Ц-76 удрил во стрмниот рид во густа утринска магла кај Калабасас, на околу 48 километри северозападно од центарот на Лос Анџелес.

Многубројни светски ѕвезди и претседателот на САД Доналд Трамп се простија од легендата на НБА лигата Коби Брајант.

Трамп изјави дека веста за загинувањето на Брајант е „ужасна“, додека многумина ѕвезди пишуваат дека се уште не веруваат оти Брајант загинал.

41 годишниот Брајант чиј прекар беше „Црна мамба“ е еден од најдобрите кошаркари на НБА лигата на сите времиња.

Целата кариера, 20 сезони, играше за Лос Анџелес Лејкерс и освои пет шампионски титули, а со репрезентацијата на САД две олимписки медали.

Се повлече во 2016 година, а Лејкерси ги повлекоа дресовите со број осум и 24 во негова чест.