Бугарија: нема правда, нема вода

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Бугарски Перник пред водена апокалипса

Во бугарскиот град Перник деновиве протестираа граѓаните поради сериозниот недостиг на вода за пиење со што веќе два месеца се соочуваат скоро 100.000 луѓе. Некои од демонстрантите велат дека и кризата со водата е поради тоа што во земјата нема правда.

Милена Велкова од Перник страхува од посериозни последици од недостигот на чиста вода за пиење.

„Многу е тешко - луѓето се жалат на квалитетот на водата, дека водата има различни бои и има мирис. Во нашето домаќинство е забрането да се пие вода од чешма“.

Кризата со водата што го зафати градот Перник и околните села предизвика серија протести и ги натера опозициските социјалисти да побараат гласање недоверба во централно-десничарската влада на премиерот Бојко Борисов.

Учесниците на протестите во Перник како Васил Димитров велат:

„Доаѓа водена апокалипса. Медиумите не јавуваат вистински факти затоа што сакаат луѓето да останат мирни уште неколку дена, но кога водата целосно ќе истече, работите ќе станат многу посериозни. Се надевам дека тоа нема да се случи“.

Димитар Димитров пак, вели дека и она што се случува со водата е поради тоа што во земјата нема правда:

„Бугарија беше ограбена на различни начини во последните 30 години, но никој не беше казнет за ова. Земјоделството, индустријата, енергетиката, фондовите на Европската унија, сè и никој не е прогласен за виновен. Затоа сме тука, ни треба правда. Ова би бил единствениот начин Бугарија да започне да живее нормално“.

Бугарскиот министер за животна средина Нено Димов во петокот поднесе оставка откако беше обвинет за намерно лошо управување со ограничувањата на водата.

Обвинителите изјавија дека Димов не успеал да преземе соодветни мерки за да избегне критично одводнување на браната што обезбедува вода за пиење на Перник и околните села и покрај многубројните предупредувања.

Инфраструктурата за водоснабдување на Перник не е реновирана повеќе од 50 години и губи над 70 насто од водата за пиење што поминува низ неа.