Во согласност со реформите во средното стручно образование кои се во тек, како и новите модуларно дизајнирани наставни програми, објавени се и конкурси за изработка на учебници и повици за формирање авторски тимови за општообразовните и стручни предмети за прва година средно стручно четиригодишно образование. По завршување на постапката, учебниците што ќе бидат одобрени ќе бидат отпечатени, преведени и дистрибуирани до училиштата, велат од Министерството за образование и наука за МИА.
Од министерството наведуваат дека во тек е изработка на Конкурс за втора година средно стручно четиригодишно образование и Конкурс за основно образование за предметите Македонски јазик за другите заедници, кои наставата ја следат на албански и на турски наставен јазик од четврто до деветто одделение, како и Албански јазик (изборен предмет) за учениците од другите заедници од шесто до деветто одделение. За предметот Јазик и култура на Ромите (изборен предмет) од шесто до деветто одделение ракописите не беа одобрени и нема учебници и треба повторно да се формираат авторски тимови. Иако во повеќе наврати беа објавени повици, нема интерес од автори за пишување на овие учебници.
Но, освен што средношколците ја започнаа учебната година со недостиг на учебниците, од Средношколскиот сојуз веќе посочија дека постојните се „преполни со застарени и неточни информации“.
„За дел од предметите не постои албански превод на учебниците, со што е отежнат образовниот процес на средношколците кои учат на Албански наставен јазик. Многу често сме принудени да купуваме дополнителна литература за часовите. Освен ова, во училиштата има недостиг на материјали за работа на часовите што опфаќа компјутери или помагала за ИКТ настава, географски карти, глобуси, математички прибор за цртање (линијари, шестари, агломери) спортска опрема во салите за спорт (топки, јажиња, душеци, јарци, голови, кошеви, рипстоли), помагала за работа на часот по хемија (лабараториски прибор: епрувети, чаши, чукчиња, пипети), помагала за часот по биологија (делови од телото, скелети) и аудио плеери“, истакна поранешниот претседател на Средношколскиот сојуз, Бленди Ходаи, кој е во трка за втор претседателски мандат.
Во Планот за ревизија на учебници за основно и за средно образование на Педагошката служба, во кои се проверува содржината, приоритет се учебниците во средното образование кои се одобрени во периодот од 2001 до 2006 година зашто се најстари и сè уште се применуваат во училиштата, пишува МИА. Меѓу нив е и учебникот по Социологија за втора година реформирано гимназиско образование од 2002 година, кој неодамна предизвика реакции во јавноста откако увиде дел од текстот (стр. 63) во кој пишува дека жената што е затворена дома нема јавни улоги и нема можност да прави кривични дела. Педагошката служба соопшти дека до почетокот на учебната 2020/2021 неговата содржина ќе биде соодветно измената и по повторното печатење учебникот ќе биде дистрибуиран до училиштата.
Основците, пак, е планирано да го започнат второто полугодие со дел од учебниците кои им недостигаа. Учебниците што недостигаа во првото полугодие и беа во процес на набавка, би требало да бидат отпечатени и доставени до училиштата до почетокот на второто полугодие од 2019/2020, пишува МИА. Договорите со избраниот оператор се потпишани и тој во моментов ги реализира подготвителните активности, по што ќе пристапи кон нивно печатење. Од Министерството за образование и наука за МИА велат дека набавката на нови учебници е конечно успешна, зашто во изминатите пет години постапките од разни причини беа поништувани.
Учебници што се одобрени и ќе се печатат и дистрибуираат првпат во оваа учебна година се: Работа со компјутер и основи на програмирање (четврто одделение); Иновации (деветто одделение); Српски јазик (шесто и седмо одделение); Турски јазик (деветто одделение); Јазик и култура на Бошњаците (од трето до деветто одделение) и Јазик и култура на Власите (седмо, осмо и деветто одделение).