Импичментот е правен, а не политички процес

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во Конгресот историско гласање за импичмент на Трамп

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денеска ќе расправа, а потоа и ќе гласа за двете обвинувања против Трамп дека ја злоупотребил функцијата и дека ја попречувал истрагата во врска со тоа дали ја условил воената помош за Украина со тоа Киев да покрене постапка против неговиот претседателски ривал демократот Џо Бајден.

Во пресрет на очекуваниот импичмент во Претставничкиот дом, претседателот Доналд Трамп ги обвини демократите дека вршат „нелегален обид за пуч“ и оти и објавија војна на американската демократија во нивното барање да го отстранат од функцијата заради притисок врз Украина да го покрене постапка против политичкиот ривал Џо Бајден.

Во писмото од шест страници Трамп и порачува на спикерот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси дека „историјата остро ќе и суди“ и тврди оти тој не сторил ништо лошо во барањето странска истрага за политичките ривали.

„Тие знаат дека е измама, тоа е лов на вештерки и тоа е само продолжение. Тоа трае веќе три години и веројатно започна пред да ги освојам изборите.“

Демократите во Претставничкиот дом го поставија нивниот случај против претседателот Доналд Трамп со обвинувања дека ја изневерил нацијата и оти затоа заслужува да биде отповикан.

Но, она на што се надеваа -дека тоа ќе биде двопартиски чин, колку за потсетување - ова е трет пат во американската историја Претставничкиот дом да гласа за импичмент на претседател - сега е на добар пат да биде убедлив еднопартиски акт.

Ниту еден републиканец нема да биде против претседателот, додека скоро сите демократи се очекува да ги одобрат обвиненијата против него.

Филип Бобит, научник за уставно право на Правниот факултет во Колумбија, вели дека и покрај фактот што резултатите од гласањето во двата дома на Конгресот се предвидливи, денешното гласањето сепак претставува клучна точка во американската историја.

„Гласање ќе биде многу тешка одлука за телото што го презема“, вели Бобит.

Според него, најголема заблуда за импичментот која е повторувана и од политичарите и од медиумите е дека станува збор за политички, а не правен процес.

„Слушнав илјадници пати: Не заборавај, импичментот е политички не правен процес, но во тоа има толку вистина колку да кажеш: не заборавај, гонењето на криминалец е политички, а не правен процес. Со други зборови, ништо. Нема ништо во таа идеја освен непознавање на текстот и на историјата на структурата на уставот “.

Уставот на Соединетите држави му дава овластувања на Претставничкиот дом да отповика претседател за „тешки кривични дела и прекршоци“, што е дел од рамнотежата меѓу извршната, законодавната и судската власт во САД.