Најголемиот дел од данските политичари ја оценуваат како „смешна и катастрофална“ идејата на американскиот претседател, Доналд Трамп, за купување на Гренланд од Данска, откако „Волстрит журнал“ објави дека Трамп, наводно, разговарал за тоа со своите советници.
„Тоа мора да е првоаприлска шега. Комплетно вон сезона“, напиша на Твитер поранешниот премиер Ларс Лок Расмусен. Портпаролот за прашања од надворешна политика на Данската народна партија, Серен Есперсен, за ДР ТВ изјави дека а„идејата Данска да продаде 50.000 граѓани на САД е целосно бесмислена“, објавија агенциите, повикувајќи се на локални медиуми.
Премиерката на Данска, Мете Фредериксен и шефот на дипломатијата Јепе Кофор се уште не ја коментираа идејата на Трамп. Исто така и Амбасадата на САД во Копенхаген се уште не ја коментираше идејата на Трамп, додека поранешниот американски амбасадор во Данска, Руфус Гифор, изјави дека „замислата за купување на Гренланд е целосна катастрофа”.
„Волстрит џурнал” претходно објави дека Трамп наводно разговарал со своите советници и е заинтересиран да го купи Гренланд од Данска и оти планира да разговара за тоа при посетата на Копенхаген во септември.