Опозиција го презеде Истанбул, Ердоган не го дава

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Истанбул со опозициски градоначалник, Ердоган не прифаќа

Турскиот опозициски кандидат Екрем Имамоглу ја презеде функцијата градоначалник на Истанбул, по неверојатна победа над владејачката партија на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Сепак, новиот шеф на најголемиот град во земјата се уште се соочува со можноста за повторување на изборите.

Конечниот резултат од локалните избори на 31 март и даде тесно мнозинство на секуларната опозициска Републиканска народна партија во турскиот трговски центар Истанбул, со што заврши 25-годишната контрола на владејачката Партија на правдата и развојот и на нејзините исламистички претходници.

Повеќето од жителите на Истанбул изразија задоволство од изборната победа на опозицијата: Ердоган Бајар вели:

„По владеењето со општината веќе дваесет и пет години, мандатот на АК партијата е завршен. Демократ го презеде кормилото, па јас сум многу среќен, иднината е отворена, пристигна пролет, се ќе биде добро“.

Со него се согласува и Муџган Аслан:

„Ние ја повративме нашата слобода, иднината ќе биде светла, нашите деца ќе ја видат светлината, образованието е уништено. Сега ќе биде поправено. Економијата е во лоша состојба и таа ќе биде поправена. Демократијата е во наши раце“.

Загубата е особено тешка за Ердоган, кој ја започна својата политичка кариера во Истанбул како градоначалник во деведесеттите години од минатиот век.

Токму во Истанбул партијата на Ердоган триумфираше на повеќе од десетина парламентарни, претседателски и локални избори откако неговата партија дојде на власт во 2002 година.

Обраќајќи им се на илјадници приврзаници кои мавтаа со знамиња надвор од зградата на општината, Екрем Имамоглу вети дека ќе работи за сите 16 милиони жители на Истанбул.

„Ние никогаш не се откажавме од нашата борба за демократија и права. Ние никогаш не се откажавме од универзалните вредности на овој свет“.

Тој победи со околу 13.000 гласови, или помалку од 0,2 насто, пред кандидатот на владејачката партија и поранешен премиер Бинали Јилдирим.

Тоа владејачката партија ја постави пред неколку предизвици.

Највисокото изборно тело во Турција допрва треба да донесе одлука за жалбата на оваа партија на претседателот Ердоган која бара изборите во Истанбул да бидат поништени и повторени.