Растат тензиите во Вашингтон околу ѕидот со Мексико

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп: безбедносна криза на границата со Мексико

Американскиот претседател Доналд Трамп го повика Конгресот да му даде над пет ипол милијарди долари за изградба на ѕид на границата со Мексико. Сепак тој, не прогласи национална вонредна состојба која може да доведе до еднострано финансирање на неговиот проект.

Соочен со цврстото противење на демократите во Конгресот претседателот Трамп во телевизиското обраќање до нацијата оцени дека постои зголемена хуманитарна и безбедносна криза на границата со Мексико.

„Вечерва ви зборувам затоа што на нашата јужна граница расте хуманитарна и безбедносна криза. Секој ден, царинските и граничните патроли се соочуваат со илјадници илегални имигранти кои се обидуваат да влезат во нашата земја“.

Иако имаше навестувања дека Трамп може да ги искористи своите претседателски овластувања и да прогласи вонредна состојба како прв чекор за обезбедување пари за ѕидот без одобрување од Конгресот, се чини дека тој е подготвен да продолжи да бара решение за ќор-сокакот со конгресмените.

Тоа особено откако изминаа 18 дена од делумната блокада навладата, предизвикана од неговото барање за изградба на ѕидот.

„Сојузната влада останува затворена поради една причина и само една причина: бидејќи демократите нема да ја финансираат безбедноста на границите. Мојата администрација прави се што е во наша моќ да им помогне на оние што се погодени од ситуацијата“.

Говорот на Трамп од Овалната соба, негов прв откако влезе во Белата куќа, според посматрачите, покажа колку американската политика станала тензична, откако демократите ја презедоа контролата врз Претставничкиот дом на Конгресот.

Лидерот на мнозинството во Претстваничкиот дом Ненси Пелоси изјави:

„Претседателот Трамп мора да престане да го држи американскиот народ како заложник, мора да престане да произведува криза и повторно да ја отвори владата“.

Лидерот на демократите во Сенатот Чарлс Шумер пак, наведувајќи дека Трамп е за страв, не за факти и за поделби, а не за единство изјави:

„Повеќето претседатели ги користеле обраќањата од Овалната соба за благородни цели. Овој претседател само ја искористи позадината на Овалната соба за да произведе криза, да поттикне страв и да го одвлече вниманието од превирањата во неговата администрација“.

Трамп треба в четврток да ја посети југозападна граница и не е јасно дали тогаш може да објави вонредна состојба.

Демократите и другите противници на граничниот ѕид се заканија дека во таков случај ќе преземат правни дејства против Трамп.