„Она што Шепс го прави не е фино или слатко, нејзината изведба го одзема здивот“. Вака само со неколку збора еден музички проследувач, ако милувате и критичар, ќе каже сè за уметничкиот габарит на младата пијанистка Олга Шепс.
А, нејзината лична приказна е безмалку типична. Како и мнозина таленти пред неа, таа во својата татковина Русија започнала да го изучува пијаното на само петгодишна возраст. И така од ден во ден...се до моментот во сега далечната 1992 година кога нејзиното семејство ќе се пресели од Москва во Германија, и тоа ќе стане новиот дом на младата Олга, но и нова почва за изучување на музиката.
На 16 години, таа ќе стане еден од најмладите студенти на Музичката академија во Келн, дипломирајќи во 2013 година со одличен успех. Во нејзиниот развој како музички уметник особено бележита е улогата на професорот Павел Гилилов, како и на нејзините родители, и двајцата пијанисти и учители по пијано, иако несомнено е и тоа дека Олга црпела влијанија и од имиња како што се Арие Варди, Дмитри Башкиров, Андреј Гаврилов и Алфред Брендел.
За време на студиите, поради неспорниот талент, Шепс добила најнапред стипендија од германската фондација „Музиклебен“, а првите концерти ги одржала благодарение на наградата „Младите создаваат музика“. Потем, разбирливо, следуваат поканите за гостувања на повеќе фестивали, меѓу кои и на познатиот „Рајнгау“. И од секаде таа се враќала со сензационален успех.
Во 2009 година младата уметница потпишала ексклузивен договор со „Сони класикал“, за чија издавачка куќа во 2016 година го снимила својот седми албум, кој вклучува изведби на дела од Ерик Сати. Со него таа се искачи на врвот на официјалните топ листи за класична музика во Германија, а за следната објава - албумот „Шопен“, таа ја доби наградата „Ехо“ во категоријата „Млад уметник на годината“.
Како „Стенвеј“ артист, Олга Шепс денес живее во Келн и моментно е активна како концертен пијанист не само во Германија, туку и во Русија и во Англија.
Од друга страна, во пресрет на серијата концерти „Сувенири од музички патувања“ со Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија во јули 2015 година, што подразбира дека тоа беше нејзино прво претставување како диригентка во родната Македонија, Елена Митревска за РСЕ ќе рече: „Во уметноста нема резерва и нема компромис. Ако човек се решил да дејствува како музичар треба да даде сè од себе ако сака да биде успешен и ако сака да биде задоволен од тоа што го прави“.
Од тогаш поминаа безмалку три години во кои таа го пропатува светот, а еве ја сега маестра Митревска повторно дома и исправена пред Македонската филхармонија на концертот „Женски приказни“ на кој освен бетовеновиот Концерт за пијано и оркестар бр. 3 ќе бидат изведени и неговата увертира „Леонора“ бр. 3, како и избор од експресивните две свити „Арлезијанка“ од францускиот композитор Жорж Бизе.
„Со Олга Шепс ќе имам чест да соработувам првпат овде во Скопје на концертот на Македонската филхармонија. Досега имав можност да слушнам неколку нејзини концерти и снимки на интернет и, според нејзината биографија и досегашно искуство, се работи за една исклучително талентирана млада пијанистка на која и претстои голема кариера.“
Инаку, сите три дела што ќе бидат изведени во рамките на концертот „Женски приказни“ претставуваат една честитка и ода за Меѓународниот ден на жената. Мислам дека нема поубав начин да се прослави овој ден, освен со музика, вели Елена Митревска за својот втор настап во земјава и прв со Македонската филхармонија.
Елена Митревска, диригент.
А, посегањето по фактите од нејзината плодна биографија на виделина ги вади неколкуте навистина интересни инвормации.
Митревска дипломира на Одделот за музичка теорија и педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2008 година. Потем образованието го продолжила во Виена, на Универзитетот за музика и изведувачки уметности, каде што најпрво дипломирала на Одделот за хорско диригирање во класата на проф. Ервин Ортнер, а потоа и на Одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. Урош Лајовиц и професор Симеон Пиронков, заедно со престижниот Виенски камерен оркестар.
Таа е добитник на почесна награда од страна на Универзитетот, како една од најистакнатите студенти на својата генерација. За време на студиите, активно дејствувала како диригент на неколку хорови во Виена, а го основала и ансамблот ГЛЕЗУМ, со кој во 2013 година ги изведе псалмите „Чичестер“ од Леонард Бернштајн.
Уште од почетокот на студиите, Елена е редовен член на хорот „Арнолд Шенберг“, каде што од 2012 година работи и како асистент на концертните и на оперските проекти во Театарот во Виена. Тесната соработка со „Арнолд Шенберг“ ѝ носи познавање на широк вокален и вокално-инструментален репертоар, со настапи во престижни сали како што се „Музиквереин“ или „Сантори хол“, како и редовна соработка со истакнати диригенти, меѓу кои и со Николаус Хорнонкур, Клаудио Абадо, Бернард Хаитинк, Сајмон Ратл, Рене Јакобс...
Митревска е добитничка на престижната награда „Ервин Ортнер“ за значајни достигнувања во областа на хорското диригирање во Австрија во 2014 година. Веќе следаната 2015 го презеде уметничкото раководство на хорската и оркестарската музичка работилница во Хинтершмидинг, Германија, каде што ги изведува Моцартовиот Реквием (2015) и Миса бр. 6 во Ес-дур од Франц Шуберт (2017), а од 2016 година македонската диригентка е ангажирана како хор-мајстор во операта во Овиедо, во Шпанија.