Барање за олеснувања за луѓето болни од епилепсијата

Прилепското здружение „Епилепсија Македонија“ бара инклизивност на граѓаните со лесни форми на епилепсија и паричен надоместок за болните по основ на инвалидитет.

Паричен надоместок по основ на инвалидитет за лицата кои боледуваат од потешки форми на епилепсија, приоритет при вработување во заштитни друштва за граѓани со полесни форми и комплетна инклузивност на оние граѓани кои страдаат од лесни форми на епилепсија. Ова се дел од барањата што прилепското здружение „Епилепсија Македонија“ ги има подолго време доставено до државните институции, а кои чекаат остварување.

Лицата со епилепсија се дискриминирани при вработување, при склучување брак, има бројни случаи на раскинување врска токму поради епилепсијата, кога еден до брачните другари ќе добие епилепсија. Истото се случува при вработување, овие лица приморани се тоа да го кријат од работодавецот со цел да остварат вработување.
Дејан Бунески, претседател на здружението „Епилепсија Македонија“

„Лицата со епилепсија се дискриминирани при вработување, при склучување брак, има бројни случаи на раскинување врска токму поради епилепсијата, кога еден до брачните другари ќе добие епилепсија. Истото се случува при вработување, овие лица приморани се тоа да го кријат од работодавецот со цел да остварат вработување“, вели Дејан Бунески, претседател на здружението „Епилепсија Македонија“.

Во ова здружение, членуваат многу млади волонтери, кои се во најголема мера логистика на граѓаните со епилепсија. Тие се вклучени во сите активности коишто ги спроведува здружението и очекуваат дека и пошироката заедница ќе ја подигне свесноста за епилепсијата.

„Ние како волонтери ги знаеме нивните чувства, едноставно кога ќе се појават некаде како тие се чувствуваат и се трудиме да бидеме со нив заедно, да не се чувствуваат непријатно, да ги поддржиме едноставно“, вели Сара Јаковлеска, волонтерка во здружението „Епилепсија Македонија“.

„Нема никакви препреки, бидејќи тие се исти како нас, како што кажува и слоганот,`различни, а сепак исти`. Би сакале колку што може да ја намалиме таа дискриминација, ние како волонтери да се вклучиме во повеќе активности“, вели нејзината колешка Ирена Кочоска.

Волонтерите и членството преку ова здружение, освен законски поволности, очекуваат дека во процес ќе се брише стигмата и предрасудите, а граѓаните со вакво нарушување ќе бидат рамноправни членови на заедницата.

Инаку, само во општина Прилеп, имајќи ја во вид светската инциденца има околу 700, а во целата држава околу 25 илјади граѓани кои се соочуваат со здравствено-социјалните последици од епилепсијата.