Со можноста да наполни гориво додека лета во воздух, времето на летот на бомбардерот Б-2 Спирит практично е ограничено само од физичката издржливост на неговите пилоти.
За време на 37-часовната мисија за напад врз нуклеарните централи на Иран на 22 јуни, овој фактор на ограничување беше доведен до крајност.
„Пилотите на Б-2 можат да легнат за да дремнат. Сепак, тие го прават тоа на метална површина во ограничениот простор што се наоѓа зад седиштата, што не е удобно“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) портпаролот на воздухопловната база Вајтман во Мисури, каде што се наоѓаат овие бомбардери.
Дополнително, портпаролот на воздухопловните сили додава: „Авионот генерира свој кислород – т.е. го извлекува од атмосферата – поради што речиси да нема никаква влага во леталото што, пак, води до тоа пилотите постојано да се хидрираат, а сепак да имаат проблеми како што се сува и испукана кожа“.
Б-2 беше развиен од САД за време на Студената војна како стелт бомбардер кој е способен да се протне покрај илјадниците радарски станици на Советскиот Сојуз и да ја избегне импозантната советска флота од илјадници пресретнувачки авиони и ракети земја-воздух.
Дизајнот на крилото на Б-2, како и тајната обвивка што апсорбира радар и други напредни технологии, му даваат на бомбардерот – широк 52 метри, радарски отпечаток еквивалентен на оној што го оставаат само големите бубачки. Првпат беше употребен во јули 1989 година.
Генерал-потполковник Марк Е. Ведерингтон – заменик-командант на Глобалната команда за удар на воздухопловните сили на САД, за РСЕ изјави дека еден од најстресните аспекти на мисијата со долг дострел, како што е нападот „Полноќен чекан“ во Иран, е полнењето гориво од авион-танкер од задната страна. Ваква операција на полнење е потребна на секои шест часа.
„Полнењето гориво во воздух е апсолутно клучно и ако времето е темно, облачно, турбулентно итн., може да бара поголем фокус“, вели тој.
Пилотите од авионите-танкери раскажуваат како на крајот од деликатната операција на полнење гориво, која бара околу 30 минути интензивна концентрација, биле облеани во пот.
И нема туширање ниту пресоблекување за пилотите. Екипажите на бомбардерите Б-2 носат појас, елек за спасување и елек за преживување преку нивните комбинезони за летање, што го прави пресоблекувањето премногу сложена постапка за време на борбена мисија.
Оскуден екипаж
Полнењето гориво за луѓето кои се во бомбардерот, пак, е далеку помалку интензивно.
Б-2 е опремен со микробранова печка, а пилотите во него носат и храна по свој избор.
„Работиме со пилотите за да им предложиме што и кога да јадат, но навистина секој поединец носи што сака“, вели Ведерингтон, додавајќи дека „за толку долг лет клучна е хидратацијата“.
Б-2 беше конфигуриран да собере екипаж до три лица, но го управуваат само двајца пилоти, од кои едниот е и командант на мисијата.
Тој оскуден екипаж е делумно за да се намалат трошоците. Високо обучените луѓе се еден од најскапите аспекти на напредните системи за оружје, а Б-2 уште од своите почетоци беше критикуван поради трошоците. Секој Б-2 чини околу 2 милијарди долари, а произведени се 21.
Обука за спиење
Една од последиците на летање со толку мал екипаж е што пилотите имаат малку време за одмор.
Ведерингтон вели дека пилотите на Б-2 избрани за борбена мисија поминуваат неколку дена работејќи со „воздухопловен физиолог“ за да го усогласат својот режим на спиење со распоредот на нивната претстојна мисија. Но, тој нагласува дека „колку и дали добро спијат варира кај секој поединецот“.
Не е познато од кога е воведена обуката за спиење на пилотите на Б-2. Можеби тоа се случило по војната во Косово кога американските пилоти изјавиле дека биле толку многу под адреналин за време на тензичните борби, што биле исцрпени, но не можеле да спијат дури ни за време на долгите летови.
Пилотите на Б-2 во претходните борбени мисии користеле амфетамински апчиња за да останат во состојба на готовност.
По повеќекратните полнења со гориво и повремениот одмор за време на тајниот лет до Иран, најинтензивниот момент за пилотите би биле самите напади, посочува Ведерингтон.
„Извршувањето на мисијата во целната област е веројатно најстресно во овој случај“, вели тој.
Со седум Б-2 кои исфрлија 14 масивни бомби за уништување бункери врз земја која претходно собори беспилотни американски летала, „работејќи речиси независно во целната област, но синхронизирани за да ги постигнат резултатите“, ова станува напорна мисија“, додава Ведерингтон.