Луксузни и комфорни соби со сопствен балкон, опремени со смарт телевизори, климатизери, СОС тастери за повик на помош и безжичен интернет. На прво место е квалитетот на медицински услуги. Мени за храна во консултација со нутриционист и според личните здравствени потреби и желби. Вака во виртуелниот свет се претставени услугите што ги нуди приватен дом за стари лица во скопската општина Бутел. До пред четири месеци домот бил активен и на социјалните мрежи – објавени се бројни фотографии од прослави на родендени, дружби со деца, со првоаприлски маски…
Но, денеска, 8 октомври, тој е празен. Старите лица кои живееле во него се преместени во други објекти. А, сопственичката е во притвор бидејќи ова е еден од двата дома опфатени со најновата истрага на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје за нехуман и понижувачки третман на старите лица.
Вториот дом кој е дел од истрагата, пак, се наоѓа во населбата Капиштец во Општина Центар. Тој нема веб-страница, ниту профили на социјалните мрежи.
Иста директорка фигурира во двата дома
Според деталите што ги објави Обвинителството, и во едниот и во другиот дом, старите лица кои биле сместени таму добивале нехуман третман, а биле жртви и на физичко и психичко насилство.
Засега како осомничени во истрагата се водат две жени во својство на сопственички и овластени лица. Обвинителството тврди дека постапувале спротивно на Законот за социјална заштита и ги гони за две кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластувања и малтретирање во вршење на служба. За двете веќе е определен притвор.
„Утврдено е дека двете осомничени, како лица што постапуваат во службено својство, вршеле физичко и психичко насилство со цел да им нанесат физичка и душевна болка, односно страдање на корисниците и ги изложувале на сурово, нечовечко и понижувачко однесување“, соопштија од Обвинителството.
ОЈО Скопје не ги објави имињата на домовите, но ги соопшти адресите каде што обвинителите, истражителите и полицијата правеле претреси, едниот на улицата „Рудо“ во Бутел, а другиот на „Козара“ во Капиштец.
Од увидот во листата на приватни установи за сместување на стари лица на Министерството за социјална политика, според адресите може да се лоцира кои се домовите и да се видат основите податоци за нив.
И за едниот и за другиот, наведени се по две лица како директори, а заедничко им е тоа што една од директорките, фигурира и во двете установи.
Од двата објекти, осомничените месечно остварувале приходи од околу 36.000 евра.
Ги заклучувале, им давале непрепишани лекови, по двајца во кревет
И во домот Бутел и во тој во Капиштец, се сместувале повеќе стари лица отколку што имале дозвола. Според наодите од досегашната истрага, во едниот дозволата била за 21 лице, а биле сместени 27, додека во другиот живееле 33 стари лица, а дозволата била за само 17.
„Спротивно на сите правила, во собите сместувале женски и машки лица заедно. Немале обезбедено кревети за сите корисници, па дел од корисниците спиеле на троседи во дневната соба или по две лица спиеле на ист единечен кревет“, велат од ОЈО Скопје.
Дел од корисниците на домот биле постојано заклучувани во посебни простории, а на дел им била давана терапија со лекови кои воопшто не биле препишани од лекар.
Обвинителството ги гони сопственичките и затоа што воделе неуредна евиденција за старите лица, немале досие, не воделе сметка за одржување на личната хигиена, немало соодветен број на вработени, а дел од вработените биле без соодветна документација.
Тврдењата од истрагата се и дека немале обезбедено по четири дневни оброци со соодветна спецификација.
„На сите корисници во двете установи им биле служени оброци со производи со изминат рок, за што се земени и мостри од храна, производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храна“, додаваат од Обвинителството.
Оттаму посочуваат и дека сите неправилности биле констатирани и во записник од вонреден инспекциски надзор.
Инспекторите и претходно имале забелешки за храната и вработените
Инспекциски надзори во овие два дома, како и во остантите низ цела држава, изминативе години биле правени десетици пати. Министерството за социјална политика, демографија и млади, на својата веб-страница има објавено и решенија што произлегле од контролите од областа на социјалната заштита од 2023 година наваму.
Според она што може да се забележи од јавно достапните информации, имињата на двата дома се појавуваат во три инспекциски акти.
На пример, домот во Бутел, според решение од декември 2023, бил задолжуван да обезбеди по четири оброци на ден според пропишаните стандарди. И при контрола на почетокот на 2024, било издадено решение за оброците – тие се набавувале преку кетеринг од друга фирма, а инспекторите ги задолжиле одговорните во домот да обезбедат спецификација за храната што се доставува.
За домот во Капиштец, пак, на пример, според решение од јуни 2023, била констатирана неправилност во однос на бројот на вработени и на одговорните им било забележано дека треба да имаат вработено четири медицински сестри, односно една сестра во секоја смена.
Во земјава има 46 приватни и пет државни домови
Двата приватни дома за сместување на стари лица се меѓу 46-те вкупно што ги има во цела држава. Најголемиот дел се лоцирани во регионот на Скопје, но има и во Битола, Неготино, Кавадарци, Радовиш, Гостивар.
За разлика од приватните, според листата на Министерството за социјална политика, државни се само пет, во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп и Берово.