Достапни линкови

Кои се резултатите од стратешкиот дијалог на Северна Македонија со САД?


Северна Македонија го започна Стратешкиот дијалог со САД во јуни 2022 година (фотоархива)
Северна Македонија го започна Стратешкиот дијалог со САД во јуни 2022 година (фотоархива)

Одбраната, владеење на правото, културата, трговијата се дел од темите во Стратешкиот дијалог со САД, но кои се резултатите? Амбасадата на САД во Скопје посочува дека има „опипливи резултати“. Според властите во земјава, овој процес помага и во остварување на НАТО целите. Дел од познавачите сметаат дека дијалогот е во насока и на стабилизација на Балканот што е една од целите на американската надворешна политика.

Македонските граѓани да патуваат во Соединетите Американски Држави (САД) само со пасош, без да има потреба да аплицираат, подготвуваат документи и да одат на интервјуа за визи.

Ова е едно од прашањата што Владата на Северна Македонија го има отворено со администрацијата во Вашингтон, а што би било и една од придобивките од Стратешкиот дијалог што двете земји го започнаа во јуни 2022 година. На него се гледа како на институционална рамка за повисоко ниво на меѓусебните односи и конкретни мерки за подлабока соработка во повеќе области.

На планот за визно ослободување, македонските институции се вклучени во меѓуресорските работни групи за приклучување кон Програмата за укинување на визи (Visa Waiver Program) и кон Глобалната програма за влез во САД (Global Entry program), потенцираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРНТ) за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Тоа претставува долгорочен процес во рамки на дијалогот, додаваат оттаму.

Ова е само еден од аспектите што ги истакнува и поранешната министерка за одбрана, актуелната пратеничка Славјанка Петровска, која како прв човек во одбраната во 2022 година беше дел од делегацијата што патуваше во САД за отпочнување на Стратешкиот дијалог.

„Исклучително важно е што тогаш се приоретизираа активностите и обврските на македонските институции во поглед на укинување и олеснување на визниот режим со САД што ќе биде дополнителен потстрек за зголемување на соработката и партнерството“, вели за РСЕ Петровска зборувајќи за резултатите од дијалогот.

Шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, при неодамнешната посета на САД каде учествуваше на Генералното собрание на ОН, во интервју за ТВ Сител од Њујорк на 22 септември порача дека „не ветуваат дека визното ослободување ќе се случи брзо“, но е една од темите што се дискутираат во рамки на стратешкиот дијалог.

Северна Македонија, која годинава одбележува 30 години билатерални односи со САД, е прва земја од Западен Балкан која започна Стратешки дијалог со американската влада. Од поширокиот регион тоа го имаат сторено Словенија и Хрватска.

Ваков чекор изминатите месеци се најавува и во Србија. За Косово, пак, Вашингтон на 12 септември соопшти дека го суспендира планираниот Стратешки дијалог поради постапките на косовската влада кои, како што наведе, ги зголемиле тензиите и нестабилноста во земјата.

За што се разговара во Стратешкиот дијалог?

Северна Македонија веќе е во четвртата година од официјалниот старт на Стратешкиот дијалог, а координатор на процесот е Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Врз основа на темите за кои се дискутирало во рамки на Стратешкиот дијалог во јуни 2022, од Министерството објаснуваат дека е направен План за активности со период на реализација од 2023-2033 година. Безвизниот режим е само една од нив.

Тука од МНР наведуваат активности и во одбраната и безбедноста, енергетиката и животната средина, билатералната соработка, доброто владеење и владеење на правото, трговијата и инвестициите, врските меѓу луѓето.

Од досегашниот тек на дијалогот задоволни се и од американската амбасада во Скопје од каде наведуваат дека „нашето партнерство дава опипливи резултати во сите области, особено во одбраната, безбедноста и економската“.

„Примери за тоа се нашиот 10-годишниот план за одбранбена соработка, надградба на инфраструктурата на воениот полигон Криволак со цел поголеми заеднички вежби, соработка за паметни енергетски решенија, зајакнување на меѓучовечките размени и унапредување на трговските односи за промовирање на економскиот раст. Овие напори ја рефлектираат заедничката посветеност кон побезбедна, посилна и попросперитетна иднина за двете нации“, велат од Амбасадата на САД за РСЕ.

Зошто е важен Стратешкиот дијалог за Северна Македонија и регионот?

Вооспоставувањето на ваква институционална рамка за дијалог во повеќе сегменти, според макеоднското Министерство за надворешни работи, е „голема дипломатска придобивка“ имајќи го предвид значењето и лидерската улога на САД на меѓународен план.

„Воедно, претставува и признание од САД дека во Северна Македонија гледаат доверлив партнер, кој не е само пасивен примател на развојна помош и политичка поддршка, туку и држава со која може да спроведува стратегиски одлуки“, велат од Министерството.

Поранешниот македонски амбасадор во САД, Васко Наумовски, смета дека Стратешкиот дијалог е надградба на веќе воспоставената соработка меѓу двете држави потенцирајќи дека земјава има поддршка од Соединетите Држави уште од нејзината независност. Но, во него гледа и можност за остварување на една од целите на американската политика – стабилизација на Балканот.

„Областите во кои може да се прошири соработката преку Стратешкиот дијалог ги вклучуваат и безбедносните предизвици во поширокиот регион, трговската соработка, енергетиката, инфраструктурата, како и нашата европска интеграција, во насока на трајна стабилизација на Балканот – процес што е дел од целите на американската надворешна политика“, вели Наумовски за РСЕ.

И екс министерката за одбрана Петровска потенцира дека Стратешки дијалог значел издигнување на нивото на соработка, но и признание за улогата на земјава во регионот.

„Северна Македонија доби моќна потврда дека е важен сојузник за САД, но исто така и регионално беше препознаена како држава која допринесува за стабилноста на регионот и беше позитивен пример за партнерство. Исклучително важно е за Македонија овој дијалог да продолжи со посилен интензитет, затоа што сојузништвото со САД е клучен фактор за политичко-економскиот развој на државата“, посочува Петровска.

Помош за постигнување на НАТО целите

Таа потенцира дека ресорот со кој раководеше – одбрана, е област каде и претходно Северна Македонија и САД имале одлична соработка, а со дијалогот се „воспоставија основи за интензивирање на соработката и во други области“.

Токму во однос на одбраната, од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија потенцираат дека стратешкиот дијалог овозможува Северна Македонија да ги развива способностите за да ги постигне НАТО целите. Земјава, официјално стана 30-та членка на Алијансата во март 2020 година.

Еден од најзначајните ресурси со кои располага е полигонот Криволак кој се користи за бројни вежби на армиите кои се дел од НАТО. Модернизацијата на овој полигон, е една и од целите што исто како и Американската амбасада, ја потенцираат и македонските власти кога е во прашање Стратешкиот дијалог.

„Соработката во областа на одбрана и безбедноста се одвива преку развивање најсовремени одбранбени капацитети, спроведување билатерални вежби и активности за обука за подобрување на интероперабилноста, особено развој на полигонот Криволак за целите на изведување сложени вежбовни активности од страна на сојузниците и партнерите во НАТО“, објаснуваат од МНР.

Оттаму набројуваат и низа обуки, курсеви, програми за обуки и подобрување на безбедносните капацитети, а го потенцираат и тоа што во ноември 2023 земјава со САД потпишала Меморандум за експертска поддршка за развој на Национална безбедносна стратегија.

Владеење на правото, култура, енергијата и трговијата

Кога се во прашање резултатите во останатите области кои се дел од темите во Стратешкиот дијалог, од Министерствиото за надворешни кое го координира процесот, потсетуваат дека американската влада во континуитет дава пари за добро владеење и владеење на правото за да се зголеми довербата во судството, одговорноста на обвинителите и судиите, да се направат судските реформи.

„Добиваме значајна помош во имплементирањето на Националната стратегија за борба против корупцијата – од вкупната помош за Северна Македонија досега, која изнесува повеќе од 1,3 милијарди долари, САД имаат инвестирано половина милијарда долари во борба против корупцијата“, велат од Министерството.

Како дел од проектите во рамки на Стратешкиот дијалог го посочуваат и зајакнувањето на Државната комисија за спречување корупција во однос на човечките ресурси, техничките и софтверски способности и воспоставувањето аналитички центар.

За сегментот на енергијата и животната средина од Министерството не потенцираат конкретни проекти туку наведуваат дека има „изразена посветеност кон зголемување на енергетската диверзификација и независност во поддршка на безбедноста на двете држави“.

Слично е и за трговијата и инвестициите, за што Министерството ја посочува „заедничката заложба“ за проширување на економската и трговската соработка и „заедничката посветеност за искористување на трговските можности, унапредување на реформите, утврдување и намалување на пречките во трговијата и инвестициите“.

Дел од планот во рамки на Стратешкиот дијалог е и културата, за каде се посочува дека се предвидени соработки меѓу музеи, поддршка за зачувување на македонското културно наследство преку Амбасадорскиот фонд за културна заштита, мастер класови за талентирани музичари со професори од САД, стручно усовршување на конзерватори од Северна Македонија…

30 години дипломатски односи

Сите овие области беа дел и од заедничката изјава на Вашингтон и Скопје што ја објави Стејт департментот на 2 јуни 2022, кога започна Стратешкиот дијалог.

Дијалогот тогаш го предводеа тогашниот министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи и Керен Донфрид која беше помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања во администрацијата на експретседателот Џо Бајден.

Во изјавата тие потенцираа дека дијалогот е „фокусиран на продлабочување на билатералното партнерство“ осврнувајќи се на заложбите за соработка во секоја област одделно.

Најважниот документ досега потпишан меѓу двете држави, пак, е Декларација за стратешко партнерство и соработка од 7 мај 2008 година. Тој беше потпишан во Вашингтон од страна на тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и државната секретарка на САД Кондолиза Рајс. Потпишувањето на декларацијата уследи по грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт во април 2008.

Северна Македонија и САД годинава одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

Стратегиски дијалог Хрватска - САД

Првиот состанок во рамките на Стратешкиот дијалог меѓу Хрватска и САД се одржа на 17 март 2022 година во Вашингтон, кога беше презентирана рамка за долгорочно планирање и постигнување на заеднички цели во шест главни области: Глобални прашања, економска соработка, одбрана и безбедност, регионална соработка, енергија и поврзување на луѓето.

Како што изјави портпаролот на хрватското Министерство за надворешни и европски работи за РСЕ, меѓу конкретните резултати од Стратешкиот дијалог со САД се:

Рамковен договор за одбранбена соработка од 2023 година, кој го дефинира продолжувањето и подобрувањето на билатералната одбранбена соработка и реализацијата на целите и капацитетите на НАТО

Меморандум за разбирање (2023) за сузбивање на кибер криминалот, кој го подобри гонењето и следењето на кривичните дела, додека надлежните органи во Хрватска соработуваат директно со Американската глобална мрежа за борба против високотехнолошкиот криминал.

Силна поддршка од САД за зголемување на капацитетот на терминалот за течен природен гас во Крку (две третини од гасот доаѓа од САД), како и истражување на соработката за обновливи извори на енергија.

Проширување на американската програма за стипендии Фулбрајт за наставници по STEM (наука, технологија, инженерство и математика).
Влегување на Хрватска во американската програма за глобален влез за верификувани патници, со што земјата стана петта земја од ЕУ во таа програма.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG