Министерството за дигитална трансформација подготви Нацрт-закон за отворени податоци и повторна употреба на податоците од јавниот сектор, кој како што предупредуваат медиумските здруженија, наместо да ја засили транспарентноста, отвора сомнежи за дополнително ограничување на пристапот до информации.
Нацрт-законот воведува ново правило: секој што ќе сака да реупотреби јавни податоци за создавање содржини, во одрeдни случаи ќе мора да бара дозвола од институцијата што ги поседува.
Министерството тоа го претставува како олеснување на пристапот, но медиумски експерти со кои разговаравме сметаат дека наместо поголема отвореност, законот може да донесе нови бариери, особено за новинарите кои секојдневно работат со државни податоци.
Освен ограничување до пристапот до јавни информации, Нацрт-законот може да и да создаде недоречености што ќе ги обесхрабрат новинарите да ги користат“, како што вели за РСЕ Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинари на Македонија.
„Ако таквите празнини останат во законот, можно е различно толкување од страна на институциите, па секое барање за информации ќе личи на трка со препреки, наместо на јасен предвидлив пат до документите од јавен интерес“, вели Секуловски.
Транспарентност со печат
Нацрт-текстот предвидува: ако медиум или фирма сака да користи податоци од јавниот сектор за да создаде нови информации, содржини, апликации или услуги, во одредени случаи ќе треба да бараат посебна дозвола, иако станува збор за „отворени податоци“.
„Барањата ќе се однесуваат само за податоци коишто не се отворени, односно не се објавени на порталот на институцијата“, велат од Министерството за дигитална трансформација во одговор за Радио Слободна Европа.
На пример, според Нацрт-законот ИТ-компанија што развива апликација за возен ред, новинар што прави визуализација на статистички податоци или стартап што користи географски информации, ќе треба да бараат дозвола од министерство, општина или државна агенција за да ги употреба тие податоци.
Институциите според нацртот, ќе назначуваат „службено лице за отворени податоци“ кое има рок од 20 дена да одговори на секое барање.
Тоа барање, според одговорот кој го добивме од Министерството за дигитална трансформација, може да биде одбиено во случај ако податоците се исклучени од законот или се предмет на ексклузивен договор, односно ако нивниот пристап е ограничен поради заштита на доверливи, авторски или чувствителни информации.
Иницијативата е поради обврските на Министерството да се усогласи со Директивата на ЕУ 2019/1024, а целта, како што наведува институцијата, е нацрт законот да воспостави механизми со кои значително ќе го олесни пристапот до отворените податоци и повторната употреба на податоците од јавниот сектор.
„Директивата дава насока најголем дел од податоците да се целосно достапни за повторна употреба и за да добиеме позитивна оценка од страна на ЕК нашата држава мора да обезбеди механизми со кои ќе ја инкорпорира оваа насока во националното законодавство. Тоа значи дека за податоците од јавниот сектор кои се веќе објавени воопшто нема да биде потребно да се бара дозвола за нивна повторна употреба“, велат од Министерството.
Наместо транспарентност — нови пречки?
Но, според Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ текстот создава нејаснотии и простор за различно толкување од страна на институциите.
Тој предупредува дека предложениот пристап, со воведување процес на одобрување на барањата за повторна употреба на податоци, не е во согласност со европските стандарди.
„Таков процес во ЕУ директивата според мое читање не постои, туку постои процес на барање за отворање на нови податоци - односно податоци кои претходно не биле достапни. Можеби намерата на Министерството била иста, па се работи за лошо транспонирање на одредбите. На друго место во текстот, основите да ви го одбијат барањето се поврзани токму со состојба во која такви податоци не постојат, или не се слободни за употреба, односно поврзани со ексклузивни договори“, вели Поповиќ.
Тој посочува и на контрадикторност во текстот на законот: на едно место вели дека се промовираат принципите на отвореност, а на друго се воведуваат механизми што ја ограничуваат употребата на податоците со дозволи и административни процедури.
„Отворени податоци значи дека тие се слободни за употреба (користење на лиценци кои промовираат реупотреба) и да не подлежат на дополнителни процеси на барање за реупотреба, ако веќе тие се достапни онлајн за користење“, вели тој.
Од Министерството велат дека ќе постојат јасно дефинирани ситуации во кои употребата на јавните податоци ќе може да биде одбиена или ограничена – како заштита на лични и доверливи информации, или податоци за кои пристапот веќе е ограничен со други закони.
Транспарентност „на лажичка“ не е европски стандард
Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии вели дека ако Нацрт-законот навистина се повикува на ЕУ Директивата за отворени податоци и повторна употреба на информации од јавниот сектор, тогаш треба да ги следи и нејзините цели – поголема отвореност, интероперабилност, јавни бази и регистри што ќе им користат на институциите, бизнисот, медиумите и граѓаните.
„Отвореноста не смее да значи транспарентност ‘на лажичка’. Институциите мора проактивно да објавуваат податоци, јасно, разбирливо и без непотребни бариери. Ако постои ризик од откривање сензитивни податоци, тоа треба експлицитно да се дефинира, а не да служи како изговор за дозирана отчетност“, додава Теменугова.
Таа укажува на апсурдите што би произлегле од ваквата политика: „Не можете да го ограничите пристапот до податоци за јавниот превоз во реално време, а притоа граѓаните да останат без информација дека автобусот што го чекаат доцни.“
Според неа, решенија веќе постојат: „Не сме првата земја што се соочува со овие предизвици, доволно е да се следат позитивните решенија од примената на овие законот во други земји“, вели Теменугова.
Каде завршува отвореноста - исклучоците од законот
Од Министерството појаснуваат одбивање на барања на употреба на податоци може да има ако податоците се исклучени од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, или ако пристапот до податоците е ограничен со закон.
Исто така, ограничувања може да има ако податоците му припаѓаат на јавниот радиодифузен сервис, неговите дописништва и на институциите задолжени за овозможување на емитувањето на јавниот радиодифузен сервис.
Ограничувања може да има ако податоците се создадени од страна на установите од областа на културата со исклучок на библиотеките, музеите и архивите;
Ако податоците до кои не е дозволен пристапот или пристапот е ограничен согласно прописите за заштита на личните податоци;
Ако податоците претставуваат статистичка доверливост или комерцијална доверливост (вклучувајќи и деловни, професионални тајни и тајни на трговското друштво);
Ако податоците создадени од страна на правни и физички лица што вршат јавни овластувања надвор од делокругот на обезбедување на услугите од јавен интерес утврдени со закон и податоците во врска со активностите коишто се директно изложени на конкуренција на јавното претпријатие (или активностите коишто јавното претпријатие директно би го изложиле на конкурентско делување);
И податоците до кои нема пристап или пристапот е ограничен поради заштита од прекин или уништување на инсталации на чувствителна критична инфраструктура.