Остаревме, во пензија сме, отидовме кај децата во Словенија - и ние да не сме сами и на нив да им помогнеме. Зошто државата нè казнува да не земаме пензија како и сите други, а цел живот сме работеле и сме плаќале во Фондот за пензиско?
Ваква поплака од пријатели била причина поради која Темелко Ристовски, поранешен универзитетски професор по уставно право, сега пензионер, летово поднесе иницијатива до Уставен суд да ги оцени измените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување - со кои државата и покрај тоа што ги зголеми пензиите, зголемувањето не им го исплаќа на пензионерите кои отишле да живеат во странство.
Со тоа, ним им се ускратени парите од зголемувањето на пензиите по 2.500 денари во март 2025 година, како и идните зголемувања од редовното усогласување на пензиите по овој датум.
Според претставки до Комисијата за заштита од дискриминација, станува збор за околу 12.000 пензионери кои стекнало право на пензија во Северна Македонија, но пријавиле адреса на живеење надвор од државата.
Пензионерите кои живеат во странство имаат обврска еднаш годишно да се пријавуваат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување(ПИОМ). Така се знае колку од нив не се во земјава.
Три иницијативи до Уставен суд, одлука нема
Освен иницијативата на Ристовски, за истата работа до Уставниот суд се поднесени уште две иницијативи.
Предмет е оформен, но одлука се уште не е донесена, одговорија од Уставниот суд за Радио Слободна Европа(РСЕ).
Додека се чека одлука од судот, Комисијата за заштита од дискриминација на 7 ноември утврди дека врз овие пензионери е направена индиректна дискриминација.
Кога Владата во 2024 година направи измени во Законот за пензиско и инвалидско осигурување за еднократно да ги зголеми пензиите за по 2.500 денари, тоа беше образложено како мерка за заштита на стандардот на пензионерите и одржување на нивната куповна моќ во услови на ценовен шок.
По оваа измена што предвидува линеарно зголемување на пензиите, дополнително се направи уште измена година подоцна, во 2025, при што се смени членот 37 и се додаде условот „пензијата да се исплаќа во Република Северна Македонија“.
Комисијата за заштита од дискриминација утврди дека иако условот на прв поглед делува неутрално (не прави поделба по државјанство, етничка припадност и слично), сепак де факто ги дели пензионерите според нивното место на живеење.
„Со тоа, нивната пензија станува пониска во однос на пензијата на лице со ист работен стаж и ист основен износ, само поради различното место на исплата. Надлежните органи не се осврнале на оправданоста, ниту образложиле која е целта на државата поради која ја исклучила оваа група пензионери“, утврди Комисијата.
Претставката до Комисијата за заштита од дискриминација ја поднеле пензионерка која работела во градинката „8 март“ во Скопје и нејзиниот сопруг, поранешен вработен во Македонски народен театар (МНТ). Тие сметале дека државата ги дискриминира поради место на живеење.
Потоа била поднесена уште една претставка од пензионер кој живее во Словенија.
Ќе се менува ли повторно законот?
Зголемувањето на мартовските пензии беше исплатено на 1 април 2025, а измените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување се објавени во „Службен весник“ седум дена подоцна, на 8 април.
Ова значи дека во моментот на исплата новиот закон не бил во сила, а според Комисијата, не може да важи ретроактивно затоа што ретроактивноста е спротивна на Уставот.
Ристовски во преставката до Уставен суд тврди дека на тој начин се прави нееднаквост меѓу пензионерите и се ограничува нивното право на движење.
„Нема дилема дека одредбата е дискриминаторска за луѓе кои цел живот живееле и работеле во Македонија. Во тоа нема логика“, изјави Ристовски за Радио Слободна Европа.
Измените на законот беа поднесени од Министерството за социјална политика, демографија и млади, по што Собранието на 1 април ги изгласа.
Од Министерството не одговорија на прашањата на Радио Слободна Европа дали уште еднаш ќе се прави измена на законот за да се отстрани дискриминацијата кон овие пензионери, како што им препорачува Комисијата за заштита од дискриминација.
Препораката од Комисијата е Министерството за социјална политика, Владата и Собранието во рок од 180 дена да преземат мерки за измена на членовите од Законот за пензиско и инвалидско осигурување кои предизвикуваат нееднаков третман на пензионерите кои не живеат во Северна Македонија.
Но, претходно во одговор до Комисијата за заштита од дискриминација од надлежното министерство навеле дека законодавецот при носење на законското решение се водел од заштита на вредноста на пензијата од последиците на инфлацијата и ценовниот шок на со кој се соочуваат пензионерите кои живеат во Северна Македонија. Од тие причини, во министерството не сметале дека се прави дискриминација на тие кои живеат надвор од државата.
ПИОМ, пак, одговорил дека тој само го спроведува законот.
Инаку, на овој проблем беше укажано уште кон крајот на март годинава, при донесување на законските измени во Собранието. Со тогашните измени, пензионерите кои живеат во дијаспората останаа без вториот дел од зголемувањето што го вети ВМРО-ДПМНЕ пред последните парламентарни избори во мај 2024 година.
Според податоците од ПИОМ, во септември во Северна Македонија имало 347.352 пензионери. Просечно исплатената пензија била 27.189 денари. Најбројни (околу 250.000 пензионери) се корисници на старосна пензија.
Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека над една петтина од населението на Европската унија е на возраст од 65 или повеќе години, бројка што се очекува да достигне една третина до 2050 година. За да се справат со зголемените трошоци за пензии, неколку земји на ЕУ најавија промени на пензиски системи, вклучително и на зголемување на возраста за пензионирање.