Господине Марковски, доколку станете градоначалник, кој е клучниот проблем на кој ќе ставите фокус и ќе се обврзете да го решите до крајот на мандатот?
Главен фокус на моето делување на почетокот би биле проблемите поврзани со здравјето на скопјани, а тоа е решавање на аерозагадувањето, решавање на проблемот со отпадот и решавање на градскиот сообраќај, односно градскиот метеж. Многу проблеми се, нималку лесна задача, меѓутоа сите тие се поврзани со нормалниот живот на нашите сограѓани и затоа фокусот прво ќе биде ставен на таа тема.
Сметате дека сите три прашања што ги спомнавте ќе ги решите, или барем едно од нив во текот на еден мандат?
Во текот на еден мандат ќе бидат решени сите три проблеми, се разбира со одредено темпо, меѓутоа со стручна и посветена работа. Целта е за четири години Скопје да има прифатливо чист воздух и еден нормален сообраќај што доликува на европски град.
Вие сте експерт за бетон, а треба да спречите на понатамошна бетонизација на Скопје. Како ќе го направите тоа?
Иако во името има одредена асоцијација, меѓутоа едното со другото нема некои допирни точки премногу, затоа што таканаречената бетонизација на Скопје произлегува од лошото урбанистичко планирање, зко воопшто може да стане збор за некакво планирање денес во Скопје, додека мојата струка се однесува на количеството на бетон вградено во конструкциите. И тука сакам да напоменам дека тренд во светот, а исто така и на нашата катедра е да ја намалиме емисијата на CО2 која произлегува од користењето на бетонот како градежен материјал. Значи мојата стручност всушност е насочена кон намалување на бетонот во конструкциите. Меѓутоа поимот бетонизација е поврзан со урбанизацијата на градот.
Ветувате дека ќе стеснувате улици во Скопје, но ќе имате ли храброст да да го направите тоа во град кој со децении е навикнат на автомобили?
Промените мора да започнат. Нема вистински промени во општеството ако секој од нас не почувствува барем одредена болка на себе. Само може да зборуваме за популализам и за мамење на граѓаните ако кажеме дека работите може да се сменат, а притоа да продолжиме да живееме на начин како што досега живееме. Тоа е невозможно. Мора да се почне - сите градови во коишто е достигнато ова високо ниво со намалување на користењето на сопствените автомобили, започнале со потешкотии. Никаде тоа не било прифатено со широки раце. Меѓутоа треба да се објасни која е поентата, затоа што просторот на градот е ограничен. Тој простор го делат луѓето и автомобилите. И сега за мене нормално е да не бидеме мазохисти и просторот што повеќе да го отстапуваме на автомобилите, а за нас да останува што помалку. За мене е логично обратното и затоа би тежнеел кон едно решение за Скопје посветено на граѓанинот, не на нашите автомобили.
Ве прашувам бидејќи во европските градови кога се имплементирани овие мерки за стеснување на улици градоначалниците се соочуваат првично со отпор од граѓаните, но дури потоа се гледаат бенефитите. Дали сте подготвен на тоа?
Апсолутно. Јас во ова во оваа таканаречена битка влегов потполно свесен за тоа што ме очекува од од сите аспекти, од сите страни. Јасно е дека отпорот ќе биде голем, меѓутоа ако паралелно на стеснувањето на улиците, како што велите вие, се понуди алтернатива на граѓаните - еден современ, точен, прецизен, предвидлив градски превоз, во тој случај притисоците и отпорите ќе бидат помали. Да ветувам катни гаражи и во исто време да ветувам зелени површини, тоа е една манипулација, бидејќи едното со друго не оди - или ќе одиме да градиме што повеќе да го бетонизираме Скопје со катни гаражи, со кружни токови, со широки булевари и така нтаму, или ќе одиме во другата насока. Јас сум претендент и сигурен сум дека ова што јас го го образлагам и за што се залагам е многу подобро за скопјани.
Овде мислите стеснување и на големите булевари како партизански одреди, Илинденска…?
Токму така. Затоа што неодамна беа проширени, некои затоа што, еве малку да навлезам подлабоко и во мојата струка - коловозните ленти на булеварот Партизански одреди се широки 3,5 метри. Тоа е ширина приспособена за брзина од 100 километри на час и затоа на Партизанска ни се случуваат сообраќајни незгоди и ни гинат млади луѓе. Затоа што таква таквиот пресек на булеварот, на коловозот, влече да возите брзо. Ако се стени сето тоа и се даде повеќе простор за пешаци и велосипедисти, притоа и возилата не ќе можат да се движат со таква брзина. Значи ползата ќе биде двостепена.
Спомнавте дека аерозагадувањето ќе биде ваш најголем приоритет. Граѓаните со години слушаат ветувања за почист воздух, а бројот на заболени од рак на бели дробови во Скопје расте. Зошто вие биле поинаков - што конкретно и мерливо ќе направите за за Скопје конечно да може да дише?
Затоа што нема да застанам само на ветувања. Во право сте, веќе повеќе од две децении се зборува за аерозагадувањето на Скопје и тука застанува приказната, само на зборување и ветувања. Не е преземена ниту една мерка, ниту една. Ние во 20 години, годишно да преземавме по пола мерка, досега ќе го прочистевме Скопје. Меѓутоа, она на што јас ја базирам мојата сигурност и оптимизам, е тоа дека веќе имаме направено симулации за тоа од каде потекнува загадувањето најмногу и кои се решенијата за негово намалување.
Во првата година, што прво би направиле?
Промена на видот на возилата во градскиот превоз - значи воведување на еколошки возила, воведување на електрични такси возила, затоа што автобусите и такси возилата се тие коишто постојано возат низ градот и постојано вршат емисија на штетни гасови. Прво тука би преземал во градскиот превоз, а понатаму би обезбедил субвенции за домаќинствата коишто користат горива од различен карактер, да се постават филтри на нивните оџаци и на објектите и градот и да ги одржува тие филтри редовно. Се разбира за индустријата не станува збор. Сите индустриски објекти мора да обезбедат филтри ако тоа досега го немаат. Исто така и спречување на дивите депонии, а на оние постоечки депонии како што е Вардариште, воведување мерки за постојано разрешување на овој проблем за крајно разрешување на овој проблем.
Меѓутоа, големата индустрија подлежи под државна контрола.
Па независно, ако се дискутира и дебатира на оваа тема стручно, отворено, не политички, тогаш верувам дека не постои разлика помеѓу централна, локална или градска власт. Ако на граѓаните им се објасни точно и прецизно кои се проблемите, од каде потекнуваат и кои се решенијата, зарем мислите дека би имало некој којшто би застанал против тоа? Јас мислам не. Ама ние овде во нашево општество немаме дебата, немаме отворена дебата. Имаме само политички препукувања кои служат само за надмудрувања, за добивање на некакви поени, неводејќи сметка за тоа која е ползата, која е користа на граѓаните.
Сметате дека не знаат доволно граѓаните од каде доаѓа загадувањето?
Сметам дека не знаат доволно, затоа што постојат направени студии, меѓутоа не е тоа јасно образложено точно, прецизно, инженерски пред граѓаните од каде потекнува загадувањето, кој тип на загадување, од која индустрија или домаќинства или сообраќај потекнува. И затоа е потребно струката да влезе во овие области. Се додека политиката ни го решава загадувањето, тоа ќе биде уште поголемо.
Градот нема надлежност да стопира ДУП-ови на општините, а токму преку нив се создава најголемиот урбанистички хаос во Скопје. Како би се справиле со тоа?
ДУП-овите во една инстанца поминуваат и низ градот, така што градот има моќ и можност да стопира дупови коишто не се во согласност со потребите на скопјани. Тука имаме голем проблем во урбанистичкото планирање, а прво мора да се спречат нарачаните дупови, а нарачани се од страна на инвеститорите, потенцијалните инвеститори - оние чија единствена цел е да добијат што повеќе метри квадратни за продажба, неводејќи сметка за јавниот интерес. Тука треба прво да бидат општините, па градот, па ако сакаме дури и централната власт, односно државата да застане на овој пат каде што единствено се почитуваат желбите на потенцијалните инвеститори.
Како ќе го спречите тоа?
Ќе се спречи, ќе се донесе веднаш уредба да се прекине, да не смее да се носат дупови по нарачка, туку дуповите да произлегуваат од заедницата, од општините, односно од градот, онаму каде што градот е надлежен за тоа. Значи кога ќе се појави потреба за промена на ДУП од било која причина, тоа да произлезе и да го нарача општината или градот, затоа што имаме конфликт на интереси. Ако поединец го нарачува ДУП-от, нормално дека оној што ќе му го сработи, ќе го сработи на начин кој му одговара на поединецот и тогаш почнува лавината да се движи надолу и на крај го добиваме ова што го имаме сега во Скопје - еден урбан хаос каде што имаме таканаречен кампинг урбанизам - се зафаќа локација, тука се гради објект, неводејќи сметка за поширокиот контекст.
Според вас во кои насоки треба да се движи новиот Генерален урбанистички план?
Генералниот урбанистички план на Скопје мора да биде усогласен со еден документ којшто за жал го немаме, а тоа е изработка на еден регионален план на скопскиот регион во којшто ќе биде опфатена и околината на градот Скопје. Не можеме да говориме за развој на Скопје без да ги земеме предвид околните населби, околните села и индустриските комплекси коишто се наоѓаат во околината на Скопје, затоа што тие директно влијаат на животот на Скопје и животот на скопјани. Генералниот план кој за жал доцни веќе четири години, и може да се случи да кога ќе биде усвоен веќе биде и бајат, треба да ги земе предвид новите текови, новите случувања - загадувањето во Скопје, сообраќајот во Скопје, развојните потенцијали на Скопје онаму каде што ги има. Мора да биде посветен на човекот. Значи тоа е за мене битна категорија. Не можеме да говориме само за развој, само за економија, само за зголемување на БДП, а истовремено да ги заборавиме основните потреби на човекот.
Кои делови според вас треба да влезат во Скопје?
Во скопскиот регионален план треба да влезе еден многу значаен потег, таканаречен триаголник: Тоа е источниот влез на Скопје и околу аеродромот во Петровец (Меѓународниот аеродром Скопје), во тој регион. Триаголник којшто е практично исто оддалечен од Скопје, Куманово и Велес. Тој дел во себе носи голем потенцијал и мислам дека треба да биде насочено, тој дел треба да биде во центарот на вниманието за понатамошниот развој на градот.
Ако станете независен градоначалник во партиски контролиран систем, како ќе ја спроведете вашата програма без политички блокади и саботажи како што гледавме изминативе години?
Да, видовме дека блокадите се можни и во чисто политички односи. Со искрена работа, со отворен однос кон сите, со искрено залагање и подготвеност за дијалог на секое ниво, и отчетност кон граѓаните. Планирам на веб страната на градот Скопје да бидат отворено поставени сите прашања од важноста за градот, со тоа како се движат разговорите, или ако има блокади, јас верувам дека нема да има ако има ваков пристап кон решавањето на работите, верувам дека граѓаните ќе видат поради кого се и поради што се таквите блокади. Големото искуство животно и работно што го имам зад себе ми е еден вид на гаранција дека со чесен однос кон работите, нема блокада којашто не може да биде надмината.
Дивите депонии се создаваат побрзо одошто се расчистуваат, а град Скопје нема долгорочна стратегија за управување со отпад. Кој е вашиот конкретен план за воспоставување на модерен систем за управување со отпадот?
Мора да разбереме дека денес не постои модерен план за управување со отпад без селекција на отпад и тоа во своите домови. Мораме да почнеме со тоа, што помалку неселектиран отпад носиме во Дрисла, толку помалку проблеми ќе имаме, и со загадување на средината, и со долгорочни проблеми со негово чување, односно складирање. Отпадот може да се третира и како производ кој може да носи и приход и така треба да го третираме. Значи, според мене основно е да почнеме со селекција на отпадот и да имаме еден модерен систем и на контејнери - паметни контејнери, а секако и еден нов тип на депонија Дрисла којашто селектираниот отпад ќе го обработува, дел од него ќе се користи за производство на енергија, а дел за рециклирање, односно понатамошна употреба.
Ветувате дека Скопје ќе премине на електрични автомобили и такси возила, но дали зад тоа стои реален енергетски план - имате ли направено пресметки колку струја ќе биде потребна за околу 250 автобуси колку што користи Скопје и каде би се поставиле полначи за нив?
Секако дека е направен енергетски план, се работи за големи потреби. Автобусите не би се полнеле сите одеднаш, во исто време. Се разбира, би се направиле посебни платформи односно посебни простори, паркинзи за полнење на автобусите, каде што ќе има и користење на природна, односно сончева енергија и батерии за складирање на енергијата, а разговарано е и со ЕВН за можноста за изработка на специјални трансформатори кои би обезбедиле електрична енергија за полнење на автобусите. Тоа не е ништо ново. Не е Скопје прв град кој би преминал на електрични автобуси. Тоа го имаме и во нашето опкружување, така што сето ова е можно да се направи и да се испланира. Ние сигурно не сме подготвени веднаш да тргнеме со сите над 200 автобуси да бидат електрични, меѓутоа може на почетокот сукцесивно да оди нивното вовлекување во транспортот, паралелно со инфраструктурата која е потребна за сето тоа. Мора да се вложат напори за да го обезбедиме ова. Без тоа само тапкаме во место.