Македонското културно наследство често се реставрира со странски пари, наместо со државни долгорочни вложувања, покажуваат ревизорските извештаи. Во последните 6 години во земјава од странски фондови се влезени неколку милиони евра за обнова на вакви објекти. Додека политичарите постојано зборуваат за „заштита на македонскиот идентитет“ и речиси 30 години водат дипломатски битки поврзани со историјата, во пракса тоа не го покажуваат со заштита на културното наследство на кое се заснова националниот идентитет.
Македонски и грчки експерти за византиските споменици ќе работат заедно на реставрација на македонската црква „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс Трескавец. За оваа реставрација, македонските институции годинава ќе вложат 65 илјади евра, останатите пари ќе дојдат од проект поддржан од Грција. Најавата за внатрешната реставрација на фреските ја соопшти во април годинава министерот за култура Зоран Љутков, кој посочи дека следната година ќе работи на конзервација на фреските во црквата.
Претходно македонските институции вложија околу 2 милиони евра за обнова на манастирот чии конаци во 2013 година беа зафатени со пожар.
Овој манастир е еден од најзначајните византиски споменици во Северна Македонија. Изграден е во текот на 12-ти и 13-ти век, а обновен од српските кралеви, Милутин и Душан во 14 век.
Една од дополнителните причини поради кои е неоpходна реставрацијата на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс Трескавец, се несоодвени претходни археолошки истражувања, покажува последниот ревизорски извештај.
„Постојат видливи оштетувања на структурата на градбите, на архитектурата и на живописот делумно последица на археолошките истражувања, кои не биле проследени со конзерваторски третман. Ископите од истражувањата останале отворени, што резултирало со собирање на подземна вода која ја променила внатрешната микро клима на објектите и предизвикало зголемена влажност,“ се вели во ревизорскиот извештај со наслов “Ефикасност на политики и мерки за заштита, управување и ревитализација на недвижното културно наследство“.
Директорката на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Флора Карагијани, при нејзината посета во април изрази увереност дека црквата и нејзините фрески ќе бидат заштитени од влагата.
Ова е втор ваков заеднички проект на заеднички тимови од експерти од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп, Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици во Солун, Грција(ECCPBM), Заводот и Музеј – Битола и Националниот конзерваторски центар.
Првиот се уште е во тек, и станува збор за црквата св. Ѓорѓи во преспанското село Курбиново која датира од 12 век и е дел од византиската градителска традиција со уникатна цариградска концепција. Но, уникатниот фрескоживопис како ангелот, односно архангелот Гаврил кој е пресликан на банкнотата од 50 денари, кој го сместува Курбиново на мапата на светските вредности, со години беше во опасност, оставен на забот на времето.
Експертите предупредуваа дека оваа црква половина век беше оставена да пропаѓа, и со години не беше приоритет на многу Влади. Од последната реставрација во 1958 година до 2020-тата година, секој можеше да ја посети црквата ако го добие клучот кој го чуваше жител на Курбиново.
На листата за чекање за реставрација пристигна во 2021 година, кога тогашната министерка Ирена Стефкоска потпиша договор со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, по што во 2023 започнаа реставрациските зафати.
„На крајот на 2024 година, сите фрески беа реставрирани, според проектот. Трошоците за конзервација на фреските во внатрешноста, кои ги покриваше Министерството за култура на Грција преку ECCPBM, изнесуваа 112.510 евра“, се вели во одговорот од грчката амбасада во Скопје за РСЕ.
Европска унија – Преспа како лабораторија за одржливост
Помошта преку ЕУ за Преспа доаѓа и од проектите „Креативна Европа“ со кои се обезбедиле пари за обновување на старата противпожарна станица во Ресен и нејзина трансформација во Општински и мултикултурен центар „Преспа култура“, потоа конзерваторски работи во црквата Света Петка во преспанското село Брајчино и реставрација на поранешната царинска зграда во Љубојно за да се воспостави „Караула Хаб“ - самоодржлив инкубатор за заедницата и туризмот. На листата проекти кои добиле пари од европските фондови се и подводни археолошки истражувања на Преспанското Езеро, и еколошки туристички иницијативи како што е „Запознајте ја Преспа“.
„Главната цел е да се заштити културното богатство, да се подигне препознавањето на клучните места на наследството, со акцент на одржливоста за да се обезбеди дека овие напори ќе траат долгорочно“, се вели во одговорот за РСЕ од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Според податоците кои ги добивме од канцеларијата на евроамбасадорот во Скопје, во изминативе четири години од европските фондови во преспанско - пелагонискиот крај во кој се вклучени и делови од Албанија, во два меѓугранични проекти се слеани 1,4 милиони евра, а останатите половина милион евра доаѓаат од македонскиот и албанскиот буџет.
САД само за четири од 18 проекти за реставрација дале над половина милион евра
На пример поддршката од американската амбасада во Скопје за заштитата на културносто наследство доаѓа претежно преку грантови од Амбасадорски фонд за културна заштита. Од 2019 година до сега поддршка добиле 18 проекти за зачувување на културата во земјава.
За само четири од нив, грантовите изнесуваат над половина милион евра. Станува збор за четири проекти од 2019 година, вклучувајќи ја конзервацијата на манастирот „Света Богородица Елеуса“ од 11-12 век во Велјуса, зачувувањето на мозаикот на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, зачувувањето на Споменикот на слободата во Кочани и неодамна доделената конзервација на Аквадуктот во Скопјe.
„Амбасадата на САД е горда што ја поддржува зачувувањето и промоцијата на богатото културно наследство на Северна Македонија“, се вели во одговорот од американската амбасада за РСЕ.
Од средновековни цркви до османлиски објекти и археолошки локалитети од римско време, во изминативе години сè повеќе се потпираат на финансиска и стручна помош од меѓународни организации и западноевропски фондови. Амбасади и меѓународни фондации стануваат главни инвеститори во заштита на спомениците и црквите, додека државата, односно оние кои ја претставуваат гласно зборуваат за „одбрана на идентитетот“ пред соседите, вложуваат минимални средства за заштита на културното наследство кое е дел од идентитетот на еден народ.
Македонскиот буџет „штеди“ на заштитата на културното наследство
Последните податоци од Бирото за јавни набавки од почетокот на годинава до сега покажуваат дека Националните установи за заштита на споменици склучиле само два тендера за реконструкција на кров и градежни работи во цркви во вредност од 200 илјади евра. Националниот конзерваторски центар, пак, за јавни набавки за конзервација и реставрација на седмата фаза за дел од Лесновскиот манастир и за санација на куќата на Апасиеви во Велес, одвоил 86 илјади евра.
Од друга страна, Управата за заштита на културно наследство својот буџет од почетокот на годинава го трошела на сметки за струја, телефон, обезбедување и набавка на канцелариски материјали, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.
Историчарите и археолозите велат дека во последните години има зголемување на буџетите за заштита на културното наследство, но ни тоа не е доволно.
„Сепак, парите се уште не се доволни. Но, тука има еден поголем проблем, институционалниот капацитет и начинот на финансирање кој што досега е правен. Така што, некогаш иако има и многу повеќе средства, некои од институциите не се во можност да ги реализираат самите проекти, пред се, бидејќи во минатите години многу малку се вложуваше во човечки капацитети, односно многу малку се вработуваат стручни кадри, особено конзерватори кои што можат да одговорат на потребите за заштита на културното наследство“, вели претседателот на македонското археолошко друштво Орданчо Петров.
Тој додава дека проблем е и како до сега се делеле парите, односно дека едногодишното финансирање е сопка која честопати остава незавршени проекти. Годинава тоа е сменето со делегиран буџет, но за резултати од промената е рано да се каже.
„Ќе видиме тек при крајот на оваа година дали овој начин на финансирање каде што самите институции ќе можат да си ги одредат своите приоритети и самите да го распределат буџетот какви резултати ќе даде“, вели Петров.
Министерот за култура Зоран Љутков од почетокот на годинава до сега најави неколку нови проекти за реставрација , меѓу кои брутализмот како архитектура која што треба да се одбележи во Скопје како културно наследство, но и обновување на двата музеја кои се наоѓаат на Скопското Кале во вредност од 130 илјади евра.
„ Целта е до 2028 година кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата овој простор да биде еден од најискористените“, изјави неодамна Љутков.
Националниот конзерваторски центар работи со донирана опрема стара 25 години
Во минатогодишниот извештај на Националниот конзерваторски центар (НКЦ) е посочено дека клучни проблеми во нивната работа кои им се провлекуваат изминативе години се недостиг на пари, квалификуван кадар кој ќе може да работи на заштита на културното наследство, но и опрема.
„Конзерваторските лаборатории за икони и штафелајно сликарство во НКЦ се соочуваат со недостаток на современа опрема за конзервација. Последната посериозна инвестиција во опрема беше спроведена во 2000 година, по пат на донација од ФАРЕ. Единствена современа опрема која ја поседуваме е во рамките на хемиската лабораторија, додека останатите конзерваторски лаборатории се соочуваат со недостаток на основни услови за работа. Оттука, неопходни се посериозни инвестиции во современи апаратури, алати и лабораториска опрема кои ќе овозможат соодветен третман на културните добра, согласно постоечките стандарди во заштитно-конзерваторската дејност“, е наведено во нивниот извештај.
Во него е посочено дека лани за градежни работи и 23 проекти за санација на културно наследство од оваа институција биле одобрени 400 илјади евра.
Додека проекти финансирани од странски грантови ја подобруваат состојбата на објектите, тие истовремено отвораат прашања за зависноста на македонското културно наследство од странски фондови.
„Странските донации секогаш се добредојдени, како и помошта од странски експерти која што е ценета, но во однос на вкупното културно наследство кое што го имаме и кое што секоја година се заштитува, средствата кои што доаѓаат од странство се уште се многу мали. Доаѓањето странски експерти е на одредени споменици, на мал број на споменици и тие повеќе треба да служат кај нас како обука и стекнување на знаења и нови практики за нашите конзерватори кои понатаму би требало самостојно да одговорат на потребите“, објаснува Петров.
Германија, САД, Франција, Италија и други држави се јавуваат како спонзори и носители на проекти за конзервација во Северна Македонија. Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) финансираше 95 илјади евра за конзервација на кровната конструкција и внатрешната архитектура на Даут пашиниот амам. Претходно САД дале 54 илјади евра за реновирање на овој објект. Самуилова тврдина во Охрид беше дел од проектот за конзервација на ѕидините со поддршка од УСАИД и УНЕСКО, со вкупен износ од 300 илјади долари ( 273 илјади евра).
Германската амбасада финансиски поддржи проект за археолошкиот локалитет Скупи во 2023 година.
„Во областа зачувување на културата во Северна Македонија, улога игра и соработката со Германскиот археолошки институт (ГАИ) и ни претставува задоволство што ГАИ подолгорочно ќе биде присутен во земјата за да работи заедно со македонските колешки и колеги на археолошките наоѓалишта“, се вели во одговоротод германската амбасада во Скопје за РСЕ.
Од нивната соработка произлезе осуммесечна изложба во германскиот Археолошкиот музеј во Франкфурт насловена како „Темната страна на Римската историја“, која се фокусира на откритие на масовната гробница на римските војници во скопскиот локалитет Скупи. Изложбата ќе биде отворена до 31 август.
Странските вложувања во реставрација на македонското културно наследство се поздравени од стручната јавност, но тие на некој начин ја разголуваат и покажуваат другата страна, недостигот на јасна државна стратегија, ниту доволно политичка волја за да се одвои повеќе пари за културното наследство. Таквите ставови во своите извештаи ги посочува Европската комисија каде што е наведено дека стратегијата 2023–2027 за култура и заштита на културното наследство доцни, а институционалните капацитети треба да се зајакнат. Кога нема стратегија, парите одат „ад-хок“ и не создаваат одржлив систем.
Наследство во опасност
Последниот ревизорски извештај укажува дека не постои редовна грижа, одржување и обезбедување, како и неконзистентни критериуми за распределба на средства за недвижно наследство, комбинација што води кон оштетувања и поголеми трошоци подоцна.
Овие случаи го илустрираат парадоксот во кој државниот врв гласно зборува за „борба за заштита на македонскиот идентитет“, но кога доаѓа до конкретно ресурси и заштита на спомениците кои го симболизираат македонскиот културен корен, домашните институции се нетранспарентни, ефектот е слаб, а акцијата бавна.
„Културното наследство е интересна тема и дел од македонскиот идентитет. Политичарите сакаат да се фалат со грижата која ја покажуваат кон заштитата на културното наследство, но мислам дека тоа не е доволно. Треба да покажат поголема грижа за начинот на финансирање, раководењето со институциите и справувањето со заштитата. Културното наследство е нашиот идентитет и мораме повеќе да се грижиме за него“, вели Петров.
Заклучно со ноември 2024 година, во Регистарот на културното наследство на Македонија се евидентирани 1.336 објекти и места заштитени како споменици на културата. Тоа се цркви, манастири, џамии, куќи, дуќани, саат-кули, тврдини, споменици, мостови и улици. Но бројките сами по себе не значат заштита. Во 2023 година, 19 од нив биле прогласени за наследство во опасност, аларм кој ретко кој го слуша.
Она што најмногу загрижува е што државата нема јасен систем за долгорочна заштита на ова богатство. Последниот Ревизорски извештај потврдува дека претходната националната стратегија за развој на културата (2018–2022) станала само документ на хартија. Од деветте главни приоритети, шест не биле реализирани воопшто или делумно реализирани.
Како илустративен пример за нефунционалноста може послужи Охрид, градот кој е дел од светското културно наследство на УНЕСКО. Стариот план за обновување на фасади на куќи кои спаѓаат во категоријата на „заштитено наследство “ во периодот од 2015–2020 година, не се реализирал. Според ревизорите во тој период, од 11 предлог-проекти за конзерваторски работи на фасади, Завод и музеј Охрид аплицирал со само четири, а Министерството одобрило средства за два. Реализацијата била блокирана од нерешени имотно-правни односи, недоволно обезбедени пари, па дури и од несогласување на сопствениците да се интервенира на нивните објекти. Санацијата на споменичкиот комплекс „Куќата на Робевци“ заврши пред еден месец, иако беше дел од програма од 2015 година. За нејзиното реставрирање беа потрошени 50 илјади евра од Министерството за култура.