ВМРО-ДПМНЕ слави победа во Кичево и Карпош, ЗНАМ во Куманово
Поддржувачите и кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ веќе слават победа во Кичево и во скопската општина Карпош.
„Драги мои карпошани, сакам да ви се заблагодарам на сите за огромната поддршка и да ја објавам историската победа на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош“, изјави Сотир Лукровски, кандидатот на владејачката партија за Карпош, чиј противкандидат беше Стевчо Јакимовски од ГРОМ.
„Победи заедништвото, победи Кичево!“, објави на социјалните мрежи и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево, Александар Јовановски.
Во Куманово победа прогласи Максим Димитриевски, лидер на ЗНАМ и кандидат за градоначалник.
ДИК: ВМРО-ДПМНЕ води во 19, ВРЕДИ во 5, СДСМ во 4 општини
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ води во 19 од вкупно 33 општини во кои денеска (2 ноември) се одржува втор круг од локалните избори, покажуваат податоците од Државната изборна комисија на 85,07% од обработените избирачки места.
Меѓу местата каде води партијата е главниот град Скопје, но и во Кичево и Кочани, како и скопските општини Карпош и Аеродром. Коалицискиот партнер во власта, ВРЕДИ (ВЛЕН), пак, е во водство во пет општини: Боговиње, Брвеница, Дебар, Долнени и Тетово. Кандидати на опозицискиот СДСМ се во предност во скопски Центар, како и во Крушево, Зрновци и Македонска Каменица.
Тошковски: Вториот круг помина во мирна, фер и демократска атмосфера
Вториот круг помина во исклучително мирна, фер и демократска атмосфера, оцени министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на првата прес-конференција по затворањето на гласачките места на вториот круг од локалните избори.
„Изборниот процес се одвививаше без сериозни инциденти, без нарушување на јавниот ред и мир и без настани што би го довеле во прашање интегритетот на изборите. Ова е уште една потврда дека граѓаните, институциите и МВР покажаа зрелост и одговорност што покажаа Македонија да има едни од најмирните избори во последните години“, рече Тошковски.
ДИК: Одзивот е 45,71 отсто на ниво на цела држава
Точно во 19 часот, согласно Изборниот закон, навреме се затворени сите избирачки места каде што имаше гласање во вториот круг на локалните избори 2025 година - информираше претседателот на ДИК, Борис Кондарко на прес конференција.
Тој рече дека до Комисијата пристигнале податоци за излезност од 1340 избирачки места. Обработени се 97,60 отсто од податоците, кои покажуваат дека одзивот на гласачите бил 45,71 процент на ниво на цела држава.
„Вкупниот број гласачи кои гласале во овие избирачки места е 325.691“, рече Кондарко.