Достапни линкови

Актерот Милош Биковиќ го „мерка“ одморалиштето „Малешево“ во Берово


Графичка илустрација - Актерот Милош Биковиќ
Графичка илустрација - Актерот Милош Биковиќ

Првично, заинтересираноста на актерот Биковиќ за инвестирање во Берово ја најави премиерот Мицкоски на заедничка средба во Владата. Во екот на изборната кампања беа објавени фотографии од неговата посета на Беровското езеро, каде се наоѓа детското одморалиште „Малешево“, кое три децении е под клуч

Милош Биковиќ, актерот со двојно, српско и руско државјанство, чии семејни корени потекнуваат од градот Берово, покажал интерес да го купи детското одморалиште „Малешево“.

Ова во разговор за РСЕ го открива победникот на локалните избори за градоначалник во општина Берово од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ружински, откако пред две недели, во ек на изборната кампања, напиша на Фејсбук дека посетата на Биковиќ на градот од кој потекнува неговиот дедо, не била само од пријателски карактер, туку се разговарало и за „реализација на досега најголемата поединечна инвестиција во општината“, без притоа да открие за што точно станува збор.

Kандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ вели дека не му е познат инвестицискиот план на Биковиќ, кому српскиот актер му даде поддршка во текот на кампањата за локалните избори. Ружински за РСЕ вели дека интересот на Биковиќ е насочен кон детското одморалиште „Малешево“.

„Тука не може да има ништо договорено. Процесот секако треба прво да оди на тендерска постапка после изборите. Ќе се распише оглас, ќе се лицитира. Кој ќе го добие - ќе видиме. Постои предвидена законска постапка која треба да се следи. Оставаме на министерството и на Владата да го водат процесот„ изјави Ружински.

Во каква форма најверојатно ќе биде инвестицијата првично најави премиерот Христијан Мицкоски, кој објави заедничка фотографија од средба со Милош Биковиќ во зградата на Владата.

„Разговаравме за неговата иницијатива за инвестиција во хотелски и рекреативен комплекс во Берово. Ме радува неговата иницијативност и љубов кон Берово и Македонија. Така се почитуваат своите корени“, напиша Мицкоски на 15 септември.

Инаку, македонската Влада силно ја осуди руската воена агресија и ја поддржува Украина.

РСЕ се обиде да стапи во контакт со Биковиќ на две мејл адреси и да го праша лично за неговиот интерес и планови за инвестирање во Берово, но, не добивме повратен одговор.

Филмско - политички свет

Милош Биковиќ е српско-руски актер со македонски корени по линија на неговиот дедо од Берово.

Тој има голема популарност на српската и балканската сцена, а низ годините го стекна тој примат и во руската кинематографија. Во последните години, неговото име доби внимание и во светот на меѓународната политика, особено во врска со руско-украинскиот конфликт.

Во 2021 година, Биковиќ официјално се стекна со руско државјанство по декрет на претседателот Владимир Путин.

Неговата успешна актерска кариера во Русија започна уште пред руската инвазија врз Украина. Во ноември 2018 година, лично рускиот претседател Владимир Путин му го врачи медалот „Пушкин“ на Денот на националното единство на Русија. Оваа награда се доделува за заслуги во областа на културата и за зближувањето на културите и нациите.

„Денот на националното единство не е само празник за рускиот народ и за сите народи што ја сочинуваат Руската Федерација. Ова е празник за сите нас кои заедно со вас гледаме во иста насока. Тоа е голема радост за Русите и Србите дека ние, двата народа имаме две татковини и така било со векови“, изјави тогаш Биковиќ во Кремљ.

Три години подоцна, во 2021 годината, српскиот актер доби ново, руско државјанство. Како што пренесуваа медиумите, указот за доделување државјанства го потпишал лично претседателот Путин.

Биковиќ тогаш на Инстаграм напиша дека од првиот ден се чувствува прифатен во сите сфери на општеството во Русија.

„И сега и официјално е потпишан од претседателот. За мене е голема чест. Ќе продолжам да работам на зближување на нашите народи преку културата“, напиша Биковиќ.

Украина го стави на „црна листа" во 2019 година, забранувајќи му влез во земјата по основ на национална безбедност.

Во јануари 2024 година, украинската дипломатија остро реагираше кога HBO (Ејџ-Би-О) го најави за улога во серијата „White Lotus", нарекувајќи го „странски гласник на Кремљ" и прашувајќи дали е прифатливо да се соработува со личност која „поддржува геноцид".

HBO го повлече од продукцијата по меѓународните притисоци, а Министерството за надворешни работи на Србија реагираше дека постојат „неосновани тврдења“ дека Биковиќ поддржува геноцид и го крши меѓународното право.

Трета среќа за Биковиќ

Детското одморалиште „Малешево“ во Берово следната 2026 година ќе наполни две децении откако е под клуч. Во тој распон на време, објектите се оставени да се самораспаѓаат, а неретко беа и предмет на кражби.

Според имотните листови, „Малешево“ располага со седум засебни објекти во вкупна површина од 4001 квадратен метар.

Како што објаснуваат од Министерството за социјална политика, демографија и млади, државата досега двапати го понудила на заинтересирани инвеститори, но залудно.

„Во 2015 година се носи одлука за продажба, а во 2016 година се носи одлука за престанување на важење на одлуката за продажба. Како причина за неуспешната продажба е наведена висината на проценетата вредност на објектот, согласно која не се јавил заинтересиран купувач. Во 2018 година, Владата носи одлука за давање во закуп на недвижни ствари- детски одморалишта, меѓу кои е и „Малешево“. Постапката започнува во 2019 година, но, и овој пат е неуспешна, односно е поништена поради некомплетност на истата“, одговорија од министерството.

Внатрешноста во дел од објектите во одморалиштето
Внатрешноста во дел од објектите во одморалиштето

Поранешните детски одморалишта во Северна Македонија се во корисничко право на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Во минатото, сите биле предмет на продажба во неколку наврати. Некои успеаја да добијат приватни сопственици, додека другите, во чија група спаѓа и „Малешево“ во Берово останаа запуштени и руинирани.

За сите нив, низ годините, министерството под чија капа се, даваше образложенија дека одморалиштата кои не се продадени биле проценети со голема вредност, а истите се нефункционални и за да бидат ставени во функција - неопходно е да бидат реновирани.

Од Министерството велат дека продажбата на одморалиштата може да се врши по пат на електронско јавно наддавање, непосредна спогодба и јавно приватно партнерство.

За електронското јавно наддавање, прво мора да се подготви вештачење и проценка на целиот комплекс за да се одреди цената, односно вредноста на одморалиштето.

Непосредната спогодба, пак, е постапка на директно договарање помеѓу продавачот (во овој случај државата, преку надлежниот орган) и купувачот, без јавно наддавање или отворена конкуренција. Ова значи дека Владата, врз основа на одлука, може директно да одлучи на кого ќе ѝ ја продаде недвижноста и под кои услови.

Руинирана внатрешност во објектите на одморалиште „Малешево“, Берово (Беровско езеро)
Руинирана внатрешност во објектите на одморалиште „Малешево“, Берово (Беровско езеро)

Од министерството велат дека и во двата случаи за продажбата одлучува Владата, на предлог на министерството. Како трета опција го наведуваат и давањето под закуп.

„Владата на РСМ, освен одлука за продажба на недвижна ствар, може да донесе и одлука за давање во закуп на недвижна ствар која државните органи ја користат, при што не смее да се наруши функцијата на државните органи. Давање на недвижна ствар во државна сопственост може да се регулира и согласно одредбите од Законот за концесии и јавно приватно партнерство, односно со воспоставување на јавно приватно партнерство по пат на договор“, рекоа од Министерството.

Некогашниот туристички белег на градот Берово, по неколкуте неуспешни обиди на државата да го воскресне, сега повторно е предмет на интерес, овој пат и на познатиот актер.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG